Добро, „Емили 3“ не е така лошо

Првите две епизоди се стварно петпарачки. Ама понатаму, третата сезона сепак се подобрува.

Текстот „Слабо трета сезона Емили во Париз“ го родив без некој напор после две изгледани епизоди од третата сезона и го споделив на Инстаграм.

Стигна ова:

Стигнаа уште неколку вакви, и уште толку од спротивниот табор на оваа важна, преновогодишна поделба на народот („не ја догледувај, ја расипаа“).

Решив дека треба да се процени.

До крај, сезоната, иако со разводнета приказна, сепак си го враќа тој квалитет на ментално пасиште и инстант-забавности што ја прават толку гледана по цел свет, што за сакање, што за мразење. Овој пат човек може и да ги оправда Парижаните што превртуваат со очи - Емили стварно цело време ги спасува не само колегите туку и случајните фирми што ќе и застанат на пат, како маркетиншки Брус Вилис. Судот е дека сепак вреди да се изгледа, ако немате попаметна работа, ама она што цело време боде очи е спремноста на костимографите (и сите што тоа го одобруваат) да ги однесат актерите до таков кловновски екстрем, да веќе не им поминува тоа „што има врска, и онака продаваат клишеа за Американци“.

Од сцена, во сцена, Емили и другарчињата, со исклучок на 2-3 лика се сè пошарени и понеприкладни за просторот во кој се наоѓаат, од кабасти штикли на шљунак до чизми од 15 цм за одење на работа во зграда каде што знаеш дека нема лифт.

Врвот се достигнува кога Минди ќе се појави на гледање филм на отворено облечена во доминатрикс-стјуардеса како барбика купена на пазар во ‘90-те. Веќе преминува од изживување со модата „затоа што ни се може“ во прерасната виолетова луфа за бањање, и тоа зошто? Затоа што има настан во полиња со лаванда и се промовира виолетов Мекларен.

Пак нè частат со ревија (макар и мини) на Грегори Дупри, ама за жал нè частат и со една модна комбинација што дури и за него е премногу. Замисли колку треба да се изглупира одделот за костими за да ти избоде очи истиот лик што во втора сезона беше облечен во вешот на Марија Антоанета?

:(

А сепак, не е дека богзнае колку отстапуваат од првичната замисла - како што реков и за првата сезона, можеби можеа да се посветат и на социјалните и политичките проблеми на Париз и Франција, можеа да прикажат слоевити, комплицирани ликови и животни непријатности, ама тогаш - ќе гледавме друга серија. Вака, пак ни служат фантастични елементи скроени за Американци, па е фина пауза од целата шведска кинематографија што сигурно ја изгледале негодувачите.

Не е врв ни во својот жанр, ама ете му пролазна, накај фина оценка, па вие видете дали ви се гледа.

p.s. Лук е сѐ уште најјак, а американската шефица на Емили е таква успешно изведена американска сељанчура, да глумицата мора некако да добие некоја награда за тоа.

-Јана

26 декември 2022 - 11:45