Никол Кидман ќе станува „бабица за умирачки“

Професијата за која Кидман ќе се обучува (или можеби е веќе и обучена) е всушност death doula - дула, помошничка, бабица. Прво постоеше birth doula, ама оваа е во ситуации каде што на оној кој преминува и неговото семејство му треба помош и поддршка.

Никол Кидман за време на гостување на Универзитетот во Сан Франциско откри дека учи да стане death doula - дула за умирање - лице кое обезбедува емоционална и практична поддршка на луѓе во последните фази од животот. Ова не значи дека се откажува од актерството или започнува нова професија во класична смисла, туку зборува за процес на учење и личен интерес, мотивиран од личното искуство. По смртта на нејзината мајка во 2024 година, Кидман јавно зборуваше за чувството дека, и покрај присуството на семејството, недостасувала неутрална личност која би можела континуирано да обезбедува смиреност и поддршка. Токму тоа искуство ја насочило кон идејата за death doula. Самата улога често се меша со медицински професии (дури и бабица кај нас е акушерка и врзано со медицина), но сепак суштински е различна. Станува збор за немедицинска поддршка која вклучува разговор, присуство, помош во справување со стравот и неизвесноста, како и поддршка за семејството.

Ако постои паралела, како што рековме, тоа би биле birth doulas - лица кои помагаат при раѓање - но во контекст на крајот на животот.

Интересот за оваа улога не е изолиран случај. Во последните години, особено во западните општества, се забележува зголемено внимание кон алтернативни форми на грижа за умирање. Дел од тоа произлегува од критиките кон исклучиво медицинскиот пристап, кој често не ги опфаќа емоционалните и психолошките аспекти на процесот. Во таа смисла, изјавата на Кидман го отвора прашањето дали модерните општества се подготвени да ја третираат смртта не само како медицински настан, туку и како човечко искуство што бара присуство, разбирање и континуирана грижа.

Ова можеби се прашува западот, затоа што колку поисточно, и колку повеќе традиција - толку помалку интерес за официјална професија од овој тип.

20 април 2026 - 00:00