
Земете ги кафичите за пример - лежерната атмосфера им е внимателно осмислена, секој детаљ е очигледно обмислуван со денови, но никогаш не треба да изгледа така. Логото му е како нашкрабано, менито како прв драфт во рандом тетратка - сè е малку поместено од својата идеална форма. И токму затоа, сè изгледа „вистински“.
Во момент кога визуелната култура е преплавена од беспрекорни дигитални слики, најголема опасност станува всушност да изгледаш премногу уредно. Премногу симетрично. Премногу „AI“. И затоа, речиси инстинктивно, дизајнот почнува да се врти кон нешто што е како од другата страна: намерна несовршеност, контролирана случајност, внимателно конструирана неуредност. Така, имаш по некоја искривена линија, малку валкана текстура, типографија што е ни ваму - ни таму, цртежи како од детска рака - сè треба да носи чувство дека не е премногу осмислено, дека само се случило, ете, таман работа да се градело.
Но како и секогаш, она што почнува како отпор, брзо станува јазик. И потоа - стил.
Проблемот со бивањето реален како естетика е што таа многу лесно се реплицира. Истите разнишани логоа, истите „рачно нацртани“ текстури, истите дигитални пакети што циркулираат низ студија, агенции и брендови кои сите, во исто време, се трудат да изгледаат како да не се трудат.
Значи добиваме тешка иронија - сите почнуваат да ја симулираат истата спонтаност. Дури и идејата за човечко станува дизајнирана. Дури и грешката станува естетски избор.

Вештачката интелигенција, пак, не останува надвор од сето ова. Таа веќе учи да „трепери“, да се колеба, да изгледа помалку сигурна во себе - да го имитира токму она што се смета за доказ за човечност. И така, линијата помеѓу автентично и симулирано станува сè потешка за читање.
Затоа прашањето полека се менува. Не е веќе: дали ова изгледа човечки?
Туку: дали е направено со намера?
Добриот дизајн никогаш не бил само прашање на тоа дали нешто изгледа човечки или дигитално, уредно или грубо. Секогаш бил прашање на значење - на тоа што дизајнот се обидува да каже, и дали тоа што го кажува има тежина надвор од сопствениот визуелен ефект.