
Често се обидуваме тоа да го претставиме како нешто поврзано со работа - луѓето лесно разбираат кога треба да се заврши некој проект. Но вистината е дека нè води многу помалку „прифатлива“, а многу подлабока потреба: ако не сме сами, ризикуваме да заборавиме кои сме.
Луѓето што се склони да чувствуваат како да се гушат кога не им останува доволно време за себе, всушност ги сфаќаат другите многу сериозно - можеби и посериозно од оние што лесно и постојано се дружат. Слушаат внимателно, се вложуваат во туѓите приказни, реагираат со емоција и емпатија - но токму и затоа не можат бескрајно да останат во друштво. Во одреден момент, им станува доволно од разговори што ги оддалечуваат од сопствените мисли, од надворешни барања што не им дозволуваат да ги почувствуваат внатрешните немири, од притисокот за површна ведрина и од „здравиот разум“ што ги израмнува нивните особености.
Ни треба осаменост затоа што животот меѓу луѓе се одвива пребрзо. Темпото е постојано: шеги, идеи, возбуда - понекогаш пет минути во друштво се доволни за еден час размислување. Не секоја емоција што ја доживуваме веднаш ја разбираме или ја чувствуваме целосно - по време поминато со други, во нас остануваат многу непреработени впечатоци. Можеби некоја идеја нè вознемирила и нè тера да размислуваме за промени, или нечија приказна разбудила завист што вреди да се разбере. Можеби некој нè повредил на суптилен начин, а ние сè уште не сме свесни за тоа.
Не дека баш мора сè да се преџвакува и анализира, но сепак - ни треба тишина - за да ги средиме тие чувства, или да си објасниме што се случило. Однадвор, повлекувањето може да изгледа како одбивање на другите, но во суштина, тоа е почит кон самото искуство на дружењето. Без време за себе, не можеме да бидеме тоа што сакаме меѓу другите луѓе и нема да имаме сопствени мислења, ниту автентична перспектива.
Просто, на некои луѓе самотијата не им е потребна затоа што не сакаат други луѓе, туку затоа што се чувствителни на тоа што значи да се биде со нив. Подолги периоди на самотија, всушност, можат да бидат предуслов за да се биде подобар пријател и повнимателен соговорник.