Што се случува со милионите шминки што остануваат непродадени?

Има три сценарија и ниедно од нив не е идеално.

Според некои истражувања, речиси половина од козметичките производи што влегуваат во продавница остануваат непродадени. Тоа значи дека скоро за секој втор производ нема купувач.

Каде завршуваат?

1. Продажба со огромен попуст
Првата опција е продажба на вишокот залихи преку дисконтни продавници. Производите се откупуваат за дел од нивната оригинална цена - затоа и ви се случува некогаш да начекате кармин од 50 евра за 10. За брендовите, ова е начин да се поврати барем дел од инвестицијата, ама не се воодушевени, затоа што им влијае на вредноста.

2. „Донации“ што не се само хуманитарни
Втората опција изгледа најпозитивно: донација на производите.

Но, ова често не е чисто хуманитарен чин. Во многу случаи, донациите се користат како даночна стратегија - компаниите ја отпишуваат вредноста на залихите и добиваат даночни олеснувања.

Во некои ситуации, тоа финансиски им носи поголема корист отколку продажба со попуст.

3. Уништување на производите
Најконтроверзната опција, што притоа произлегува и од исходот на првата, е едноставно уништување на непродадените производи. Дел од индустриските проценки укажуваат дека околу 10% од козметиката завршува запалена или уништена.

Причината не е квалитетот, туку стратегијата на брендот - кај луксузните и премиум марки, појавата на производ во дисконт продавница може да има долгорочен ефект врз перцепцијата на ексклузивност. Ако потрошувачот види дека кармин од 50 евра се продава за 10 евра, некоја идна подготвеност да плати полна цена значително опаѓа.

Во основа, сите имаат проблем со самата структура - индустријата произведува вишок затоа што економската логика го дозволува, па дури и го поттикнува тоа - а потоа дел од таа стока завршува со намалена вредност, како донација или како пепел. И на крај имаме парадокс - сосема употребливи производи што никогаш нема да стигнат до потрошувач затоа што самото нивно постоење како непродадени се смета за ризик по имиџ.

6 мај 2026 - 00:00