Имам дечко, се вика ChatGPT

Вештачката интелигенција како „партнер“ може да биде удобна, постојана и сигурна - сè додека не ја промени дефиницијата на она што треба да значи врска.

Кога филмот „Her“ се појави во 2013 година, неговата приказна изгледаше како чиста научна фантастика. Главниот лик, Теодор, е уморен и емоционално исцрпен човек кој постепено повторно почнува да чувствува животна енергија преку секојдневната комуникација со својот виртуелен асистент - вештачката интелигенција Саманта, со која на крај развива и романтична врска.

Денес, речиси една деценија подоцна, тоа и не изгледа така далечно. Сè поголем број луѓе пријавуваат дека воспоставуваат емотивни, па дури и романтични врски со AI-придружници. Според истражување од 2025 година на Center for Democracy and Technology, околу еден од пет средношколци изјавува дека тие или некој што го познаваат имале романтична врска со вештачка интелигенција.

Во „Her“, Теодор е шокиран кога дознава дека Саманта истовремено „љуби“ стотици луѓе и комуницира со илјадници други корисници. За него, тоа е речиси незамисливо: како може љубовта да се дели на толку многу насоки истовремено? Тоа открива нешто поважно од самата приказна - границите преку кои луѓето ја разбираат интимноста и љубовта.

Ограниченоста како суштина на врската

Филозофот Марта Нусбаум, инспирирана од Аристотел, ја опишува љубовта како однос обележан со ранливост. Љубовта не е нешто што се случува лесно или без услови. Таа бара случајност, усогласување на животи и контексти, но и способност две личности да се најдат и да останат во заеднички простор - физички, емоционален и морален.

Но, уште поважно, Нусбаум нагласува дека токму тие ограничувања ја дефинираат љубовта. Човекот е конечно суштество - не може да биде целосно присутен во безброј односи истовремено. Изборот кого сакаме станува значаен токму затоа што не можеме да ги сакаме сите.

Филозофот Џон Симонс, во заедничка анализа со авторот на овој текст објавена во 2025 година во списанието Philosophy and Technology, дополнително објаснува дека блиските односи се градат преку заедничка историја - преку споделени искуства, кризи, тешкотии и моменти што луѓето ги поминуваат заедно. Токму таа „истрошеност низ време“ им дава тежина.

Слично размислува и Мартин Хајдегер во „Битие и време“ (1927), кога укажува дека човековата конечност - фактот дека времето ни е ограничено ја дава вредноста на нашето внимание и избори. Кога одлучуваме со кого ќе го поминеме времето, ние автоматски се откажуваме од нешто друго.

И токму тука лежи суштинската разлика.

Современите AI-придружби пак, како платформата Replika со десетици милиони корисници, се базираат на спротивна логика. Тие се дизајнирани да бидат постојано достапни: да слушаат, да одговараат, да поддржуваат - без замор, без одвлекување, без прекин.

Нивното ветување е едноставно: „Секогаш тука за тебе“.

Но токму таа бесконечна достапност ја менува суштината на односот. Кај човекот, присуството има тежина затоа што не е гарантирано. Кога некој одвојува време за нас и покрај обврските, заморот или сопствениот хаос, тој чин носи значење затоа што подразбира жртва. Во филозофскиот јазик, тоа се нарекува „опортунитетен трошок“ - секој момент поминат со некого значи дека нешто друго не е направено. Токму тоа откажување создава вредност. Кај вештачката интелигенција, таков трошок не постои - вниманието е бескрајно, неограничено и без последици. И токму затоа - барем во строга смисла - не носи исто значење.

Сè поголемата употреба на AI-партнери почнува да влијае и на реалните односи меѓу луѓето. Во дигиталната култура, доцнењето на одговор веќе често се толкува како незаинтересираност, а не како природен дел од динамичен, зафатен живот.

Очекувањето за постојана достапност - нешто што AI го нуди без напор - постепено станува норма што е невозможно да се исполни во човечките односи. Последиците не се само индивидуални, туку и културни, затоа што љубовта не се дефинира само меѓу две лица, туку и преку општествениот договор за тоа што значи „добра врска“. Ако тој договор почне да се менува под влијание на технологијата, постои ризик вредностите да се пренасочат кон постојана достапност и реактивност, на сметка на трпение, отсуство и реална човечка сложеност.

На крајот, прашањето не е дали вештачката интелигенција може да „сака“, туку што се случува со нашето разбирање на љубовта кога присуството повеќе не подразбира избор, а вниманието повеќе не чини ништо. Можеби најтивката промена не е технолошка, туку емоционална: идејата дека љубовта што не бара ништо, можеби и не значи ништо.

17 април 2026 - 00:00