Дистопискиот дел од „Животот е прекрасен“ не е веќе само филмски

Филмот традиционално се гледа како топла божиќна приказна за заедништво и заедница, за надеж и вистински вредности. А сепак, сцената што денес остава најсилен впечаток не е финалното заедничко собирање околу Џорџ Бејли, туку неговиот краток престој во Потерсвил - мрачната, изопачена верзија на малиот град Бедфорд Фолс.

Во филмот, Потерсвил е алтернативна реалност во која главниот лик, Џорџ, никогаш не постоел. Градот е целосно под контрола на Хенри Ф. Потер, безмилосен банкар и сопственик на сè што вреди. Она што некогаш било заедница, овде е сведено на место на пороци, страв и рамнодушност и токму таа рамнодушност - начинот на кој луѓето се навикнати на неправдата - е она што најмногу го вознемирува Џорџ.

За многу современи гледачи, оваа дистопија почнува да звучи непријатно познато.

Во Потерсвил, економската и политичката моќ се концентрирани кај еден човек. Малите бизниси исчезнуваат. Имигрантите кои во Бедфорд Фолс успеале да изградат стабилен живот, овде ги нема. Луѓето што отстапуваат од нормата - без разлика дали се сиромашни, зависници или едноставно „чудни“ - се исмејувани, отфрлени или насилно отстранети. Полицијата не е заштитник, туку инструмент на редот кој не трпи отпор.

Она што го прави Потерсвил особено застрашувачки не е самата корупција, туку фактот дека таа станала секојдневие.

Познато?

Кога Џорџ реагира со шок и неверување, жителите го гледаат како тој да е проблемот, а не системот. Токму тука многумина денес препознаваат паралела со актуелниот политички и општествен момент: чувството дека екстремните настани стануваат нормализирани, а моралната граница постојано се поместува.

Овие теми не се случајни. Кога Капра го снимал филмот во 1946 година, штотуку се имал вратено од четиригодишна служба во американската војска, каде работел на документарци за Втората светска војна и подемот на фашизмот во Европа. Иако It’s a Wonderful Life не е филм за војна, тој е длабоко обележан од стравот од концентрација на моќ, од корупцијата и од тивкото прифаќање на неправдата.

Ликот на Потер, додаден во филмската адаптација на краткиот расказ на Филип Ван Дорен Стерн, станува симбол на тие опасности. За разлика од претходните филмови на Капра, каде злото често е јавно разобличено и поразено, овде Потер никогаш не одговара за своите постапки. Украдените пари не се враќаат. Правдата, во класична смисла, изостанува.

Познато?

Наместо тоа, победата на Џорџ е потивка и понејасна: заедницата се мобилизира - преку лични контакти, солидарност и брза организација - за да го спаси од пропаст. Еден вид аналогна, пред-дигитална верзија на crowdfunding - филмот суптилно сугерира дека промената не доаѓа од чудо, туку од луѓе кои решаваат да не останат пасивни.

Овој аспект особено одекнува денес, во време кога протестите, бојкотите, донациите и локалните иницијативи повторно стануваат значаен дел од јавниот живот. Иако тоа не значи дека општеството излегло од Потерсвил, покажува дека отпорот не мора секогаш да биде спектакуларен за да биде значаен.

На социјалните мрежи, Потерсвил сè почесто се спомнува како метафора за свет во кој неправдата е очигледна, но одговорноста ретко стигнува до оние на врвот. Фразата почнува да функционира како културен код, слично како 1984 или The Handmaid’s Tale, но со една клучна разлика: Капра никогаш целосно не ја напушта надежта.

30 декември 2025 - 11:03