Дали добрите мајки смеат да спијат?

Прашањето звучи глупаво и небулозно, а сепак, се работи за една од најжестоките и најтоксичните дебати во модерното родителство.

Дали „добрата мајка“ смее да спие? Во современото родителство ова се претвори во една од најполаризирачките дебати - особено околу поимот „sleep training“.

Приказната на Хејли Вилијамс Пепер споделена во статија за Јаху Лајф, покажува едно лично искуство: по раѓањето на првото дете, таа се соочува со хроничен недостиг на сон, кој има месеци да прерасне во исцрпеност и сериозни дијагнози поврзани со постнатално ментално здравје. Подоцна, со второто дете, одлучува да примени поинаков пристап - вклучително и „sleep training“. Разликата, како што вели, била значајна и директно поврзана со нејзината подобра психичка состојба.

Но наместо поддршка, добива силни критики. Основната идеја на осудата е дека „добрата мајка“ мора да се жртвува целосно - и во жртвата влегува и сонот. Сè што го олеснува родителството се гледа како себичност.

Sleep training е инаку поширок поим за процеси со кои бебето се учи да заспива самостојно и да спие подолги периоди без постојана помош од родителите. Важно е дека не постои една дефиниција - под овој термин спаѓаат многу различни пристапи.

Постојат нежни методи, каде родителот останува присутен и постепено го намалува вмешувањето, и построги методи, каде бебето се остава кратко време да се смири само. Во суштина, целта не е „игнорирање“, туку учење на саморегулација на спиењето.

На прашањето дали е штетно, истражувањата не даваат едноставен одговор. Дел од студиите покажуваат дека sleep training може да го подобри сонот на бебето и значително да го намали ризикот од постнатална депресија кај мајките. Не се пронајдени докази дека има негативно влијание врз емоционалната поврзаност родител-дете. Сепак, други истражувања покажуваат дека ефектите понекогаш се минимални или краткотрајни, а дебатата за потенцијалниот стрес кај бебињата останува отворена.

Во пракса, ова значи дека sleep training е различно искуство за секое семејство. За едни значи подобар сон и функционално секојдневие, за други емоционално тешко искуство кое не го прифаќаат.

Токму тука настанува културниот судир: дали мајката треба да биде целосно пожртвувана или има право да го заштити сопственото здравје?

Денес живееме со „нежно“ и „хеликоптерско“ родителство и постојан онлајн надзор (види и „Суровата реалност на нежното родителство“), па ова прашање станува симбол на нешто поголемо - начинот на кој општеството ја дефинира „добрата мајка“. 

Веројатно треба да се помириме дека нема правилна формула, без разлика што постои желба да се најде една и да се брани со тешки судења.

А таман мислевме се затвори темата околу тоа дали си добра мајка ако раѓаш со царски рез.

21 април 2026 - 00:00