Сè поголемата анксиозност кај родителите води кон нови крајности - некои си ги следат децата со апликации кога ќе им отидат на факултет, а некои се обидуваат да се поврзат и со нивните професори.
Со почетокот на новата учебна година, на социјалните мрежи се ројат постови од насекирани родители што прашуваат дали можат да разговараат со вработен одговорен за нивните (возрасни) деца, родители што сакаат да интервенираат во цимерски проблеми, па и такви што се возат до факултет во обид да им помогнат на децата да си најдат друштво. Во еден пост на Редит, една кутра студентка се жали дека родителите постојано ја следат, па дури и ѝ одредуваат време кога да си легне.
„Наредуваат дека морам да бидам во кревет, во интернатот до 10 часот секоја вечер. Трајната локација ја сменив да ми се чита од Ајпадот што го оставам во соба за да се извлечам.“
Пишува и дека мајка ѝ се јавила во полициската станица најблиску до факултетот откако не ѝ кревала на телефон. Потоа пратила мејл кај деканот и сакала да ја повлече од школо. Се жали на анксиозност и депресија од таа контрола и прашува дали некој знае дали „некад ќе има раат“ од мајка ѝ.
Ваквото претерување кај родителите не е нечуена работа. Постојат многу родители што сè уште вртат телефони по доктори и терапевти „да му закажат“ на детето и овој проблем има корен во родителската анксиозност, не во неспособноста на младиот човек сам да си закажува.
Проблемот лежи во тоа што родителите што имаат силна емотивна врска со нивното дете, можат да почувствуваат еднакво силна загуба кога ќе им се отсели за на факултет. Но, работата е во тоа што таа контрола е штетна и го спречува детето да се развие. Нормално е на почеток на факултет да помине низ еден период на прилагодување каде што може да се појават чувства на несигурност, депресија и потешкотии. А многу родители драматично реагираат на ова, мислејќи дека детето им страда, кога поминува низ типични реакции на новитет и промена, па им се чини најлесно да долетаат и да го средат проблемот. Со ова се спречува развој, учење и отпорност и практично му прават лоша услуга со тоа што го спречуваат да научи да биде независен и функционален возрасен човек.
А дете што чувствува обврска да ја смирува анксиозноста на родителот може да има проблем да се асимилира во факултетскиот живот. Ќе бидат растргнати: да се грижи за емоциите на родителот, или да оди да искуси автономија?
Наместо да си ги давите децата, ако веќе не разговарате со професионалци - обратете се кај други родители.
Нека ве тешат тие, не децата што треба да учат живот на факултет.