Во нејзината нова книга, Brain-Body Parenting, детскиот психолог Мона Делахук признава нешто. Се сеќава на едно време кога нејзините три ќерки биле мали и се чувствувала преплавено. „Кога буџетот на моето тело беше во дефицит,“ пишува таа, „понекогаш знаев да кажам нешта за кои подоцна се каев, затоа што го проектирав сопствениот недостаток на ресурси врз моите деца: ‘Побрзај! Ќе задоцниме заради тебе!’“ Стресот и истоштеноста, вели, „ме претворија во автократ и мајка што контролира.“
Запрев со читање. Се вратив и од почеток го прочитав параграфот. Побрзав напред за да прочитам уште информации за автократските тенденции на Делахук. Но, тоа беше: „Побрзај, ќе задоцниме заради тебе!“ Како човек на кој утрата му се во форма на битка за моќ во рамки на условите што ги диктира моето петгодишно дете, (да стане, да облече патики, да тргне во школо), знаев дека читајќи ја Делахук, влегувам во една извртена реалност, само не знаев точно која од нас го прави тоа извртување.
Вака Џесика Винтер од Њујоркер ја започнува својата колумна за проблематичното „нежно родителство“, најмодерниот пристап за воспитување деца веќе со години, што го тераат вечно-будните, освестени-за-трендови родители. Нема официјална доктрина: Во Тајмс на пример, рекоа дека е отворен концепт, интепретиран и ремиксиран од мајките по светот. Нема ни официјално име - „нежно родителство“ е чадор термин за сите варијанти, меѓу кои и „воспитување со почит, внимателно воспитување и намерно воспитување“. Во најширока смисла, нежното родителство се врти околу препознавање на чувствата на детето и мотивите зад неговото однесување. Нежниот родител има цврсти граници, на детето му дава избори наместо наредби и отфрла награди, казни и закани - нема шарени налепници, нема „мрш у соба“, нема „ќе те вратам дома!“. Наместо команда „облечи патики!“, нежниот родител сака да разбере зошто детето во старт не сака да облече патики („Што е, мило? Не сакаш да облечеш патики?“), или можеби, врши нарација на проблемот („Си играш со врвките затоа што облекување патики не ти се допаѓа.“)
Теоретски, детето на еден нежен родител, ќе научи да ги препознава и контролира емоциите, затоа што воспитувачот ги потврдува како реални и важни. Овој тип на родител се разликува од авторитативниот, кој дозволува позитивни и негативни однесувања, може да казнува и да се лути - нешто што нежните родители не го одобруваат.
Има многу за почитување во нежниот пристап: психолошки, малите деца не се способни за самоконтрола, па фер е возрасните со комплетно развиен мозок да им покажат трпение и емпатија. Сепак, на форумите за родители и групните пораки, се чувствува еден немир. Се вгнездува умор: од прифаќањето на секое расположение на детето, инсистирањето на емотивниот афект, од идејата дека и да се има распоред може да биде авторитарно. Понекогаш, знаат да кажат дека еден тантрум не е вреден за ставање на пиедестал. Понекогаш знаат да молат, со гласот малку повишен од прагот на нежноста, дека мораш да ги облечеш глупите патики.
Она што е нејасно околу некои од постулатите на нежното родителство е презентацијата на валидираното дете како осамено дете, а на мајката само како Мајка. Кога се советуваат мајките на децата што тепаат, не се признава постоењето на сестричката што била истепана, иако и таа се чувствува нападнато, не се очекува од мајката да биде љубопитна „што навистина се случува“ во нејзината глава откако ќе ја удрат, не се препознава дали се прашува зошто брат ѝ ја удира, не се мисли на социјалните последици или како тие ќе влијаат на перцепцијата на детето што тепа за себе. Се препорачува само родителот да се тргне настрана за да се заврши комплетната трансформација во хуманоид што се откажува од себе, перпетуално е присутен и нема ништо друго освен време и е програмиран исклучиво за смиреност.
Ваквото чување деца е како операција на мозок и го има насекаде во современата литература за родители. „Чувствителното родителство помага да се изгради архитектура на мозокот која води до издржливост,“ вели Делахук. „Кога го ориентираш детето да ги фокусира неговите чувства на тебе, наместо да се фокусира на реалноста на чувствата што ги има, го местиш за зависност.“ Агрегатниот ефект е да се охрабрува дисморфично чувство на нечија моќ како родител, но истовремено да има и еден вид себебришење. Основната енигма за родителството е дека сепак, ти си одговорен за твоите деца, а сепак не можеш да бидеш одговорен до крај. Тие се глина во твоите раце, но и камен што ти ги крши.
„Пред некој ден, како и секое утро, се обидував да го натерам син ми да ги остави играчките и да излезе низ врата,“ ја завршува Винтер колумната, со една поента која накратко гласи: нема поента. „Седев со прекрстени нозе карши него на тепихот во дневната и иако бев нежна, не бев доволно нежна како што сакаат приврзаниците на филозофијата „нежно родителство“. Алгоритмичниот сензор во глава цело време ми пингаше. ‘Ајде, мило, ќе задоцниме’ (Сакаш да кажеш дека заради него ќе задоцните?); ‘Знаеш дека не сакаш да доцниш во школо’ (Хмм, малку манипулативно, не? Која си ти да претпоставуваш што сака или не сака?); ‘Не сакаш да си ги видиш другарчињата?’ (Е, нели во моментов ти покажува што сака?). Тој протестираше. Се муртеше и ја нишаше главата. Ги видов во глава претходните утра: Викање, влечење преку врата. И во тој момент, од непознати причини, причини што не се знае дали имаа или немаа врска со било што што сум го кажала или направила, тој стана и си ги облече патиките.“