Зборувавме за децата и за маничниот ролеркостер на кој нè ставаат и ѝ се доверив дека се чувствувам како ужасна мајка. Оперирав на многу малку сон откако го родив второто и често немав капацитет да бидам „нежен родител“ кога детето ќе ми полудеше поради дупка во чорапата со Елмо, додека бебето спие во соседната соба. „Ѝ се развикав,“ признав, засрамена од чинот што нежните родители никогаш не смеат да го направат.
Другарка ми рече: „Па што ако. Нежното родителство е и онака за поправањето.“
Мозокот ми застана, очите ми излегоа како на цртан и реков А?! Дали сум ја утнала поентата?
Како родител-миленијалец, се разбира дека се трудам околу нежното родителство што е сега во мода, каде што деца се воспитуваат со емпатија, почит, внимателност, намера, граници, емотивна регулација и кој и да треба модерен збор понатаму. Си склопив и сопствена ад-хок филозофија: Не смее викање и казнување, биди нежна, имај емпатија и сите деца се добри, никогаш лоши (видете каква Мајка Тереза сум јас). На родендени и земања од градинка, јас сум меѓу родителите што ќе клекнат до детето и ќе речат нешто како, „Разбирам дека сакаш да одиш и да им испееш песничка на групата Hells Angels во паркот, ама човекот е нешто изнервиран!“
Другарка ми елаборираше: „Не можеш да бидеш совршена. Јас цело време се дерам. Не сакам, но работам на случајот. И после поправам и поврзувам, што им покажува како да се справат со резoлуција на конфликти.“
Со тоа поправам, другарка ми сакаше да каже дека треба да се остави работите да се оладат, да се извиниш, да оставиш простор за повторно поврзување - да прашаш за чувства, да почнеш да работиш на нешто, да измислите приказна заедно - да воспоставиш и да изградиш доверба.
И така, заради моето откровение за време на ручек со другарка (имаше бебе, ама спиеше 90 - не, добро, 60 посто од времето), одеднаш ми се разјасни ова нежно родителство и воспитување. Не сакаат да ни кажат дека треба да дозволиме децата да газат по нас или дека треба да делиме трофеи на сите, за да им го напумпаме егото на децата додека не им експлодираат главите. Не. Нежното, внимателното, соработливото родителство од нас бара да се ослободиме од срамот, срамот што ни се вовлекува во клетките и гние и ја вади главата во моменти кога треба да сме фини со себе, моменти кога само сакаме да одиме на ручек со другарка, да трачариме, а едвај успеваме затоа што бебето сепак не спиеше цело време. И тоа е во ред. За тоа се пријавивме. Но, нежното родителство остава простор за двете страни од односот родител-дете - не само да бидеш нежен родител, туку да бидеш нежен и со себе, кога ќе пропуштиш, или ќе заборавиш нешто. Или кога ќе збеснеш затоа што детето збеснало заради чорап.
Кога ѝ се развикав на ќерка ми да замолчи, цел ден пропаѓав во мисли. Дали ја уништив засекогаш? Дали ни е нарушена поврзаноста? Дали нејзиниот иден психијатар ова ќе го запише како иницијалнтата каписла што ја навела да избега со моторџиска банда? Да бидеш модел за емотивна регулација е важно, но книгите за воспитување, блоговите и инфлуенсерите се расфрлаат со совети како ние да функционираме на осум часа сон, со добра фризура. Реалноста е дека повеќето ноќи, спијам во тотал 2 ипол часа, исхраната ми е за никаде, а косата ужас - како да бидам регулирана ако пливам наспроти текот на водата, со тегови на глуждовите?
Никој ништо не научил од преправање дека е совршен. Тоа само фрла сенки за да се може да се скрие срамот. И никогаш не би сакала моите деца да мислат дека совршенство е она што го очекувам од нив. Затоа можеби, наместо измислување нови зборови, треба родителството да го сметаме за она што е - несовршено.