Овие ланчиња не сме сигурни кога точно беа модерни, ама некако сѐ ги наоѓавме по некои тезги, или панаѓури, или во туристички места по масички ставени во чаршија. Траеја колку летниот одмор, па кога ќе завршеше распустот, или ги носевме уште малку во школо и ги баталувавме, или од првото враќање дома биваа заборавани во некоја кутија под кревет. Крајната поента - се продаваа за некоја симболична сума, сѐ до скоро, кога Ботега Венета, во наплив на инспирација под работен наслов „како сега да го издупиме народот“, реши да ги продава за храбри 3000 евра.
Три. Илјади. Евра.
Под изговор дека треба да „ја почувствуваме моќта на цвеќињата“.
Ова го обзнани диет_прада, и луѓе веќе коментираат дека самите ги правеле, или ги начекувале кога ќе им дојдат мисионери во нивното гратче. На Етси одамна се продаваат за 10-20 долари парче, ама со оглед на модното време во кое живееме, сега кој сака може да си го носи брендирано, како луксуз.
Не е ни некој посебен доживљај, ако се потсетиме на грозниот Гучи фустан, или на брендираните свеќи, или на сѐ што изнаправи Баленсијага во последниве неколку години.
Патем, додека се пишуваше текстов, цената на ланчето падна на 2000 евра, што значи, купете си, што има врска.