- Претседателот Доналд Трамп потпиша указ за укинување на повеќето економски санкции од САД за Сирија.
- „Целта на наредбата е да се стави крај на изолацијата на Сирија од меѓународниот финансиски систем и да се овозможат инвестиции од нејзините соседи, па и од САД“, изјави потсекретарот за финансиско разузнавање Бред Смит.
- На сила останаа само санкциите што се однесуваат на соборениот претседател Башар ал Асад, неговите најблиски соработници, членови на семејството и функционери за кои се тврди дека биле вклучени во програмата за развој на хемиско оружје или се одговорни за прекршување на човекови права и трговија со наркотици.
- Трамп во мај се сретна со сирискиот привремен лидер Ахмед ал Шара, поранешен лидер на терористичката група Хајат Тахрир ал Шам, поврзана со Ал каеда. Групата на Ал Шара не е избришана од американскиот список терористички организации, а Сирија останува класифицирана како „држава што спонзорира тероризам“. Со наредбата се бара од државниот секретар Марко Рубио да ги преразгледа случаите.
- И Европската Унија во мај укина повеќето од своите санкции за Сирија.
- Двајца американски пожарникари биле убиени од снајперисти додека гаснеле шумски пожар во сојузната држава Ајдахо. Уште еден е ранет.
- Полициски хеликоптер го лоцирал снајперистот и по неколкучасовна престрелка било пронајдено неговото тело. Не е објавено како тој загинал, неговиот идентитет и каква пушка користел.
- Локалниот шериф Роберт Норис изјави дека осомничениот убиец веројатно го потпалил огнот и ги чекал пожарникарите за да пука во нив.
- „Ова било заседа. Пожарникарите немале шанси“, изјави Норис.