- Ревизијата во Младинскиот културен центар сè уште е во тек и информациите пласирани во јавноста се во најмала рака незаконски и во моментов паушални, реагираше Програмскиот колегиум на МКЦ на последните изјави на скопската градоначалничка.
- Таа рече дека се лаже за постоење политички притисок и спомна 100.000 евра кои во кеш биле подигнати од благајната.
- „Од каде е оваа информација? Кој ја потврдил или негирал?“ прашуваат од МКЦ со порака дека тоа е грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај.
- Тие имаат и забелешки за тоа кој ја врши ревизијата; велат лицето кое е во МКЦ и ги чешла документите не е овластен ревизор, туку вработено лице од службите на Град Скопје.
- Бездомник од турскиот град Аланија пред суд признал дека намерно го навредил претседателот Реџеп Таип Ердоган, со цел да биде приведен и да добие храна и кревет во затвор.
- „Немам каде да престојувам, спијам по депонии“, изјавил 66-годишниот маж на првото појавување пред суд. Признал и дека претходно три пати намерно го навредувал Ердоган, но не го задржале во притвор.
- Според Членот 299 од Кривичниот законик на Турција, за навредување на претседателот е предвидена казна од една до четири години затвор.
- Иако овој член постои со децении, неговата примена значително се зголеми откако Турција во 2018 година премина кон претседателски систем.
- Во периодот од 2016 до крајот на 2025 година, обвинителите отвориле речиси 83.000 предмети за делата навредување на претседателот, знамето и државните симболи, турската нација и државните институции.
- Трамп блокира клучни американски санкции и царини поврзани со Русија, само неколку дена пред тие да стапат на сила согласно „Законот на Линдзи Греем“, усвоен од Конгресот и потпишан од претседателот минатиот месец.
- Мерките вклучуваат царини за увоз на руски стоки и казнени царини од 100% за земји што купуваат нафта и гас од Русија.
- Трамп истакна дека ги одложува санкциите „заради националниот интерес на САД“. Проценките се дека новите мерки дополнително ќе ги зголемат цените на горивата, токму пред изборите за американскиот Конгрес во ноември.
- Во новата наредба се истакнува дека законот не се укинува целосно и дека санкциите ќе може да бидат воведени „кога Трамп или високи функционери ќе проценат дека се соодветни“.
- Кирил Дмитриев, претставникот на Путин за инвестиции, ја нарече одлуката на Трамп „историски момент“, бидејќи законот ќе запрел секаква економска соработка меѓу Русија и САД.