- Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, триумфалистички се огласи бугарскиот Национален круг „За Македонија“, по усогласените препораки на Комисијата за историски прашања.
- Станува збор за две групи препораки - за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија.
- „Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со Северна Македонија стигна до првата победа! Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ“, се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“.
- Претседателот Трамп нареди пред Националниот музеј на американската историја на Смитсонијан во Вашингтон да се постават табли со предупредувања дека дел од музејските изложби „не се точни“. Таблите ќе ги упатуваат посетителите кон алтернативни извори за историјата на САД. Трамп повика на создавање алтернативна „независна“ привремена изложба, во која би биле поправени историските податоци кои администрацијата ги смета за неточни.
- Смитсонијан 180 години функционира како независно тело и не е под директна власт на федералната администрација. Затоа, Службата за национални паркови ќе постави предупредувачки знаци на пешачките патеки околу музејот.
- На 250-годишнината од формирањето на САД, Белата куќа објави извештај во кој го обвини историскиот музеј на Смитсонијан за „идеолошко заробување“ и за „промовирање социјален активизам наместо патриотизам“. Наведува дека музејот не им оддава соодветна чест на 56-те потписници на Декларацијата за независност, туку се фокусира на ропството, угнетувањето и нееднаквоста.
- Директорката Антеа Хартиг, на сослушување пред Конгресот ја бранеше автономноста на музејот и истакна дека „прикажувањето на историјата во целата нејзина комплексност е чин на длабока почит кон националната приказна“.
- Хартиг беше особено критикувана за две неодамнешни изложби: за „Entertainment Nation“, која содржеше експлицитни сексуални прикази, и за „Girlhood (It’s complicated)“ за предизвиците поврзани со родовиот идентитет кај младите жени.
- Трамп најави дека САД ќе отворат истрага против ЕУ и ќе ѝ воведат нови царини поради „ограбување на американските даночни обврзници“, преку казни од милијарди долари за големите технолошки компании.
- ЕУ завчера му изрече казна од 890 милиони долари на Гугл поради истиснување на конкуренцијата. Трамп додаде дека ЕУ „без никаква причина“ ги казнил Епл со 15 милијарди долари, Мета со 3 милијарди долари и Амазон со 2,5 милијарди долари, а сите досегашни казни за Гугл надминуваат 18 милијарди.
- „САД не се банкомат за Европа ниту ќе дозволиме да бидат тоа... ЕУ ќе плати многу висока цена за ова незаконско и крајно неетичко однесување, за кое постојано ги предупредував. Очекуваме дека казните целосно ќе бидат поништени и може да им наметнеме значителни царини“, предупреди Трамп.
- Тој претходно се закани со царина од 100 % за секоја европска земја која ќе воведе данок на дигитални услуги за американските технолошки гиганти.
- За време на вториот мандат на Трамп беа покренати неколку истраги согласно Членот 301 од Законот за трговија од 1974 година, кој ја овластува Канцеларијата на американскиот трговски претставник да истражува трговски практики за кои постои сомневање дека не се фер.