За љубители на пилешко

Полнети пилешки гради

Вкусен и лесен ручек за сите љубители на пилешко месо.

 

Време на подготовка:
20 мин.

Време на готвење:
55 мин.

Вкупно време:
1 ч. 15 мин.

Порции

4 лица

Состојки

  • 4 парчиња пилешки гради
  • 1 јајце
  • 1 црвен кромид
  • 2 моркови
  • 100 гр. сирење
  • 100 гр. кашкавал
  • магдонос
  • 3 чешниња лук
  • 1 лажичка сенф
  • 2-3 домати

 

Подготовка

Во едно мало тенџере наполнете вода и сварете ги морковите. Внимавајте да не ги преварите, за да не омекнат премногу.

Во тава со масло загреана на среден оган динстајте го кромидот, ситно исецкан. Кога ќе омекне додадете го исецканиот лук и ситно сецкан магдонос. Пропржете ги неколку минути и тргнете ги од оган.

По две минути додадете во тавата сенф, малку сол и бибер и едно јајце. Добро измешајте ја смесата и додадете изрендано сирење и изрендан кашкавал.

Во пилешките гради со остар нож направете подлабок засек и формирајте џеб. Со мала лажичка наполнете од смесата во пилешкото. Во средината ставете половина варен морков. Процепот во месото затворете го со чепкалка. Одкако ќе ги наполните сите парчиња пилешко, ако ви остане од смесата не ја фрлајте, туку намачкајте го со неа месото. Исецкајте ги доматите и наредете ги во огноотпорен сад. Врз нив поставете го пилешкото месо и печете го во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути, покриено со фолија. По 40 минути извадете ја фолијата и печете уште 15 минути.

Сервирајте го пилешкото топло, пресечено на половинки, со прилог по желба.

15 јуни 2012 - 19:35