Лани дефиниравме што и како е Хeлоуин (Види: Хелоуин за православни). Плус тоа го свичнавме на ортодокс моуд, шо би рекле овие бек-енд девелоперите шо без 3К$ здраво не ти викаат.
Оваа година ја продолжуваме литијашката мисија во која ќе го исфузираме хелоуинскиот симбол со некое наше традиционално јадење. Хеловин-вин комбинација. Инаку ,Ноќта на вештерките’ од година во година станува сè попопуларна доготовштина, у главном по нашите школи и кафани. А каде на друго место?! ‘’Мисли глобално дејствувај локално’’ у пракса. Нашиот народ у глобала размислува у кој локал да се начука. И си бара повод. А Хелоуин е екстра оправдување за алкохолизирање у сред работна недела, за слатките мали баханалии и за дотерувањето во вашето омилено латекс-одело за bondage, BDSM и некои слични СДСМ-фетиши. Исто се шпекулира дека ,Ноќ на вештерките’ било секогаш кога жените на нашите извршители се собирале по кафиња.
Овој пат хелоуинската тиква ќе ја помакедончиме со кралицата на балканските пасти- јуфката. Микс од јајца, брашно и вода, бакнати од сонцето и благословени со вештите раце кои танцуваат со сукалото. Радикален лепотизам.
Епа, драги тиквари, тикварки и сите полит-коректни транс/гоа-транс/берово-транс/нон-бајнари идентификации измеѓу, стартуваме:
Набавуваме тиква. Ја има во мал милион изданија, разни видови, бои, нијанси, носии. Не е битно каква е, битно вам да ви се свиѓа. Ја сечеме на половина и ја отстрануваме срцевината, колку и кардио-хируршки тоа да звучи. Семките ги сепарираме пошто е штета и греота да се фрлаат. Може да се испечат со сол и други зачини и да повлечат неколку хектолитри пивце во блиска идинина.
Обесрцените половини ги сецкаме уште на неколку млади месечинки. Ги поставуваме на сад за печење, додаваме сол и бибер и у рерна на 180 степени околу 45 минути. Треба да биде скроз омекната и расположена.
Дур тиквата си го ужива својот рерна-третман за нега на кората, ние вадиме извесно тенџере, го полниме со вода, му додаваме сол и го загреваме на умерено-јак оган. Откако водата ќе се загрее ја додаваме јуфката. Ставете толку колку што мислите дека ќе биде доволно. Зависи колкава екипа сте. Јуфката ја вариме едно 5-7 минути. Водата што ни останала фазла за истураме. Ја оставаме јуфката на strand-by.
Назад кај тиквата. Овака испечена, ѝ ја отстрануваме кората, ја раскомотуваме и ја сместуваме во блендер. Уште малку сол и неколку листови свежа мента. Блендираме со сета сила. Ако мислите дека смесата е премногу густа, додавајте малку вода, но постепено, внимателно и во многу мали количини.
Кога го имаме финалниот тикварски прелив, ја преливаме јуфката. Добро промешуваме, како оние професионалните хостеси кога извлекуваат среќен добитник. Сервираме по тањири и одозгора рендаме тврдо сирење и кршен црн пипер. Може и пармезан, може и некое наше дрско биено сиренце. На крај накитуваме со неколку свежи листови мента.
Дали е вкусно? Многу! А едноставно? Таман работа. А пријателски настроено кон буџетот? Па како иначе?! Здраво? Здраво, ај кило ипол пафлак ако може.
Уживајте возрасни и без јавање метли ќе ве молам.
Кирил Стоименов - Лејка