
И оваа недела се разбудив во ера на екстремен морален пуританизам, каде што интернетот упорно функционира како средновековна инквизиција со бесплатен Wi-Fi. Новите генерации, израснати во рововите на културолошките војни, но и оние не-толку-новите, развија опасен скептицизам кон сè што е естетско, доколку зад истото тоа стои личност со сомнително минато.
Стана речиси невозможно да се одвои уметничкото дело од приватниот живот на неговиот творец. Ако некој музичар, режисер, сликар или писател направил погрешен животен избор пред дваесет години, неговото ремек-дело автоматски се согорува на дигиталната клада на правдата. Се бара апсолутна морална безгрешност, како уметноста да извира од светци, а не од луѓе кои крварат, грешат и се рушат.
Оваа опсесија со минатото на авторот создава генерација која не знае да ужива во убавината на сликата затоа што премногу е зафатена со анализирање на етички кодекси и дали уметникот има фискална за четките и дали боите се артисански или купени од книжара.
Но, во кујната, за среќа, важат други закони на природата. Море на дивината. Брашното, водата и маснотијата немаат твитер налози и не можат да бидат „канселирани“. Тестото на пример, не ве прашува кои се вашите политички ставови ниту пак ги анализира вашите морални падови додека го месите. Тоа си бара само топлина, трпение и фокус. Кога ќе го погледнете крајниот резултат, не ве интересира дали мајсторот бил циник или филантроп, ве интересира само дали текстурата е совршено крцкава, а вкусот богат.
Храната е последното засолниште каде што делото зборува само за себе, изолирано од хаосот на човечките грешки.
Затоа, тргнете ги моралните ваги настрана и дозволете му на ова пециво со путер и инчуни да ве потсети дека некои нешта на овој свет заслужуваат да бидат конзумани без усул.
Намирници:
- Печени крцкави лепчиња
- Квалитетен путер
- Инчуни
- Свеж лимон
- Мешавина од зачини
Постапка:

Додека вашето печено лепче (без корка, само срцевината) е уште топло од тавата и ги носи своите карактеристични „лузни“ од огнот, поставете го на даска за сервирање. Тоа е табула раса, нашето празно платно.

Додека лебот дише од топлината, го поклопуваме со чорбаџиско парче ладен путер. Путерот треба да почне суптилно да се топи, пополнувајќи ги сите пори и нерамнини на крцкавата површина.
Врз путерот наредете ги инчуните во правилни штрафти. Нивниот солен, силен и продорен карактер е суштината на оваа кулинарска композиција. Тие ја носат тежината на мезето. Наросете со крупна сол, свежо мелен црн бибер и буковец. Секоја честичка тука си ја знае својата улога без потреба од дополнително објаснување.

Исечете неколку тенки парченца свеж лимон нанесете ги директно врз инчуните и путерот. Лимонот е тука да го пресече масниот слој и да ги разбуди сетилата, давајќи му ја на јадењето потребната рамнотежа.
Послужете го ова дело веднаш. Уживајте го без дебати, без панел-дискусии, без преиспитување на минатото и уживајте во совршениот спој на солено, мрсно и кисело.

Некои мезиња се приказна сама по себе.
На здравје!
Кирил Стоименов - мезионичар