Знам дека на сите ни е преку глава од пипкани супермаркетски лебови од страна на пензионерските лексилиумаши, од оние квадратни сунѓерчиња за у лавабо шо мечтаат да бидат леб кога ќе пораснат и од лебови шо коштаат како кило телешко.
А времето е такво какво што е, време - нема. Знам дека во оваа ера на ’шо попрво‘ последно нешто што ви паѓа на памет е да земете и да месите домашен леб. Но, затоа сум ja тука да ви демонстрирам еден мега-едноставен начин на правење домашен лебац што не захтева време, труд, вештини и финансии. Верувајте дека ќе го правите почесто одошто мислите на прва.
Испратете ја вашата кулинарска скепска на спиење и идеме чекор по чекор у подготовка на овој домашен леб со маслинки кој не бара месење. Е како тоа?! Епа вака:
Во длабок сад убацуваме 400-420 грама сенаменско брашно. Додаваме сол колку за еден сниф. Сув квасец 2 грама, скроз малце, ’на врвот на лажичката‘ шо би рекле титовите пионери кога ги прашаш колку шеќер сакаат у кафето. Потоа додаваме стотина грама сецкани маслинки и на крај сето ова го тушираме со 400 милилитри ладна вода од расата 'чешмарица'. Со дрвена лажица ја мешаме смесата сѐ додека не добиеме меко лепливо тесто. Мешаме едно 3-4 минути. Потоа го покриваме садот со најлон фолија добро оптегната како добошот у Сејнт Енгер на Металика, одозгора му џиткаме крпа и го праќаме на 12-часовен тајм-аут. Оставете го да исферменира преку ноќ. Значи сѐ на сѐ сме изгубиле максимум десетина минути.
Утредента пример, се враќате од работа, земате тенџере без капак и го поставувате во рерна, а рерната ја инсталирате на 225 степени. Нека се грее тенџерето барем 15-тина минути. За тоа време земаме кујнска хартија и ја напрашнуваме. Врз брашното го истураме нашето ферментирано лепотанче и врз него исто наросуваме брашно. Со кратки и отсечни потези го оформуваме како топка, претходно натопувајќи ги рацете со вода. Потребни ни се неколку лефтерни потези. Го вадиме тенџерето, тестото и хартијата ги ставаме внатре, поклопуваме со капак и пола саат да се пече како земјоделец у јуни месец.
После пола саат го тргаме капакот и оставаме уште пола саат. Температурата на рерната не ја дираме.
Епа заузети конзументи на хиперпродукцијата, пред вас имате една топла и мека коркена перница. Ова е еден од оние рецепти за кои навидум треба многу време, ама на кои ’не им висите‘, 95% од времето чекате.
Додатна финта: капнете у тацна малку маслиново и малку балсамико и топнете од лебот за неверојатен сексинес. Или ако сакате напредно ниво перверзии, се знае: ПИНЏУР.
Кирил Стоименов - леботворец