
Поштовани публикуме, едно блиц прашање: кога точно станавме волку досадни? Кога влеговме во овој колективен психопатски трип каде што секој оброк мора да изгледа како медицински упат? Денес, ако барем за време на еден оброк не каснеш нешто што има вкус на стиропор помешан со „СУРУТКА“ протеин од ванила, како да си прекршил некој божји аманет на новата велнес религија.
Ми се чини дека фитнес (фис)културата одамна веќе не е избор за здрав начин на живот, туку култ. Културолошка провалија во која што луѓето одат да се поклонат на олтарот од огледала, убедени дека плочките на стомакот ќе им ја пополнат празнината во карактерот.
Не сакам да звучам како „у мое време“ транзистор, ама порано имаше кафани. Кафаништа. Имавме карирани чаршафи на којшто се чека „Сабах са шејтаном“, лимени пиксли и луѓе кои се гледаа во очи додека пцујат, се смеат или плачат. Таму се „општеше“ - нефилтрирано, политички некоректно и сурово. Сега? Сега истите тие социјални дупки ги крпиме со наводно здрави навики. Наместо ракија и муабет што ти ги отвора и најмрачните фиоки и фолдери на душата, имаме „matcha latte“ и споредување на статистиките од паметните часовници. „Колку калории си и у дефицит денес?“ – е убиецот на егзистенцијалната магија.
Но, каде е ваистинскиот парадокс: додека ги дефинираме мускулите до последен нанометар, некултурата ни стана национален спорт. Набилдани тела со атрофирани манири. Постои ли, по ѓаволите, некоја справа во тие фенси теретани шо лекува болни амбиции? Некој „leg press“ за пристојност? Некоја лента за трчање што ќе те однесе подалеку од сопственото его? Тешко ем т’нко. Шо би рекол дедо Ален Вотс: „Смислата на животот е едноставно да се биде жив. Толку е едноставно, толку очигледно и толку просто. А сепак, сите трчаат наоколу испаничени, како да е неопходно да постигнат нешто надвор од самите себе.“
Затоа, во свет каде што палачинките се прават од овес, банани и очај, ти биди ТЕСТО. Биди глутен. Биди она крцкаво масло што ти тече низ прсти додека го јадеш животот со полни гради.
Намирници:
Тестото: 300г бело брашно, 180мл топла вода, сол колку да те пецне јазикот.

Слоевитост: 2 лажици нишесте „удавени“ во 3-4 лажици масло.

Мирисот на слободата: Кубик млад кромид. Сецкај го ситно.

Топинзи: Намаз од урда, печи-гмечи, Балсамико крема и магдонос за свежина.
Процесот:
Месење:
Замеси го тестото со раце. Почувствувај го под прстите. Нека одмори половина час.

Мазнење: Подели го на мали топки. Расукај го тенко. Премачкај го со онаа каша од масло и брашно. Посипи кромид, БОГАТО.



Ролинзи: Свиткај го во ролат, па во полжав. Ова е единствениот „кардио“ тренинг што ни треба денес.


Печење: Расукај го пак нежно и фрли го на сува и загреана тава. Кога ќе почнат да се појавуваат оние изгорени точки, знаеш дека си на вистинскиот пат.



Последна стаза: Намачкај ја урдата, нафрлај ги пиперките у Џексон Полок стил. Капни малце од кремата и освежи со магданос. Јади го ова додека е топло. Со раце. Нека ти се замастат прстите домаќински.

Иначе ова е корејска палачинка. Ама тоа и не е толку важно. Важно е дека е вознемирувачки вкусна.
На здравје!
Кирил Стоименов - триглицерицепс