
Инсистирањето на одредени општествени догми со текот на времето создава еден стерилен, уплашен свет каде што сите правила мора да се почитуваат слепо, без ниту еден критички извичник. Нè учат дека постојат авторитети, институции и однапред зацртани калапи во кои мора да го сместиме нашето секојдневие, нашите кариери, визии, желби.
Анархизмот, во својата најчиста филозофска суштина, никогаш не бил примитивно кршење прозорци, клецање канти и кршење ретровизори; тој е длабок, интелектуален бунт против вештачки наметнатиот ред и хиерархијата, една радикална одлука дека содржината и слободата на поединецот се секогаш поважни од формата што некој друг ја пропишал како „пристојна“, „правилна“ или „единствено точна“.
Во кујната, тој страв од авторитети најчесто се манифестира преку ропско следење на рецептите, како да се закони напишани со крв. А лазањата е веројатно еден од најголемите гастрономски споменици на тој конзервативизам - проектче каде што кулинарското Гестапо налага дека корите мора да бидат совршено рамни и тенки, проследени со симетрични слоеви, а секоја коцка пресечена со машинска прецизност.
„Важи, нема никаков проблем“ - рече Кирил Стоименов во едно есхатолошки мамурно утро, висејќи во кујната гладен како аргат. Како огромен фан на Бакунин, Кропоткин и Гребер, тој свесно избра со голи раце да ги искршиме сувите кори директно во тавата со динстано мелено месо и зарзават, и да ја урне хиерархијата на формата како да е замок на плажа. Радикалните мразачи, или по црковнословенски - хејтери, би рекле дека тоа е класична мрза, но вистинските знаат дека овој подвиг е супериорно познавање на материјата. Во свет кој пати од лажна пристојност, ова јадење е искрен и брутален грев што се јаде со лажица директно од тава.
Намирници:

- 5-6 суви кори за лазања (подготвени за тотална деструкција)
- 500гр јунешко мелено месо
- 200гр полномасен кашкавал
- 1 главица црвен кромид и 2 чешниња лук
- Млад кромид и малку печи-гмечи
- 400мл доматно пире или пелати
- Сол, црн бибер, оригано и малку лут буковец
- Маслиново масло
Постапка:
Во подлабока и тешка тава, загрејте го маслиновото масло и фрлете ги ситно сечканиот зеленчук. Пропржете го малку, колку да замириса на вистинска кујна. Додајте го меленото месо. Растурете ја неговата структура со вилушка, зачинете со сол, бибер и лутиот буковец. Динстајте го додека не ги испушти своите природни маснотии и не се запече убаво.


Потоа истурете го доматното пире и ориганото. Намалете го огнот и оставете го сосот да прокрчка неколку минути, развивајќи го својот кисел и тежок карактер.


Земете ги сувите кори за лазања и, без никаков ред или геометриска стега, искршете ги со раце на неправилни парчиња директно врз месото и сосот. Добро измешајте за секое парче тесто да биде удавено во течноста.



Додајте малку топла вода, покријте со капак (или со кујнска хартија за печење, скроз анархистички) и оставете го тестото да ја впие сочноста околу 12-15 минути. Откако корите ќе омекнат и сосот ќе се згусне, тргнете го капакот.

Одозгора буквално нафрлајте дебели парчиња кашкавал, нека ја покријат секоја пукнатина од искршеното тесто. Под капак/хартија уште 5-6 минути. Кашкавалот мора целосно да се стопи, да почне да пука во меурчиња и да фати темни, златни дамки по рабовите.

Се вади од оган и се става на маса без никакви формалности. Нема сечење на коцки, ниту сервирање по протокол. Се јаде сурово, директно од тавата, додека кашкавалот се влече во долги, неконтролирани нишки.

На здравје!
Кирил Стоименов - не-баш-сит Вишас