
Ако малку посериозно се заѕвериме во историјата на инженерството и уметноста, ќе забележиме дека најголемите пресврти никогаш не се случиле поради совршени услови, туку поради ограничувања што ги натерале луѓето да размислуваат целосно надвор од кутијата, што би рекле никогаш негушнатите бизнис гуруа.
Кога архитектите ги дизајнираат најкомплексните висечки мостови, освен што размислуваат за материјалите што ја носат тежината, симултано чукаат глава и за тоа како целата конструкција дише, реагира на ветерот и на температурните осцилации. Замислете на момент како би изгледало кога некој би се обидел да изгради таков архитектонски проект користејќи однапред излеани, стандардизирани бетонски калапи што не дозволуваат ниту еден милиметар отстапување. Резултатот веројатно би бил шампита со минат рок alla Скопје 2014. Слична работа се случува и во класичното музичко компонирање. Кога диригентот управува со симфониски оркестар, тој не бара од секој инструмент да произведе иста јачина и боја на тон во иста секунда. Смислата е во динамиката, во нијансите помеѓу тишината и крешендото, во тоа што секој инструмент има свој простор да го развие сопствениот карактер пред да се спои во хармонија со останатите.
Ако ја префрлиме оваа микро-филозофија во кујната, ќе укапираме дека повеќето луѓе му пристапуваат на подготвувањето храна како на индустриска лента каде што сè мора да биде калапено и однапред дефинирано. Очекуваме дека за секоја задача постои затворен систем, или соодветен апарат, што треба да заврши сè наместо нас, лишувајќи нè од целиот процес на набљудување и прилагодување. Еве тостот на пример - го перципираме како обично механичко спојување на две компоненти, а не како комплексна физичко-хемиска архитектура каде што топлинската проводливост, влажноста на лебот и точката на топење на млечните маснотии треба совршено да се синхронизираат. Оваа слобода да управувате со секој секундарен детал, да ја набљудувате промената на бојата и да го слушате тихиот звук на путерот додека ја трансформира површината, е нешто што никогаш не можете да го добиете од затворена кутија.
За да ја постигнеме оваа архитектонска совршеност и да создадеме тост со длабочина на вкусови што ги надминува сите стандарди, се враќаме на најискрениот, најдиректниот и најконтролираниот медиум во кујната - старата добра тава.
Состојки

- Дебело сечен леб (бриош, во идеални услови): 2 дебели кришки
- Камембер сирење: Неколку подебели парчиња
- Рендани кашкавали (микс од моцарела, чедар, гауда)
- Путер: наместо лубрикант
Постапка:

Исечете две дебели, раскошни кришки од лебот. Дупло подебели од фабричките сечени лебчиња, затоа што овде ни треба сериозна основа што ќе ја издржи планината од кашкавал што следува. Премачкајте ги со путер.

Врз едната кришка наредете ги ренданите кашкавали во неколку богати слоеви. Помеѓу нив или на самиот врв ставете ги подебелите парчиња камембер. Не штедете - целта е тостот да биде толку полн што едвај ќе можете да го затворите.

Преклопете го со другата кришка и лесно притиснете со дланката. Загрејте ја тавата на умерена температура. Спуштете го тостот директно во тавата. Путерот е оној таен елемент што ќе му даде златеста, рамномерна коричка и неодолив мирис.
Печете бавно од двете страни, повремено притискајќи го сендвичот со шпатула. Не брзајте со јака температура за лебот да не изгори пред сирењата внатре целосно да се растопат во една кремаста, совршена маса. Користете капак или алуминиумска фолија врз тавата.

Кога лебот ќе добие темно-златна, крцкава боја, а сирењето ќе почне да истекува од страните, извадете го тостот врз кујнска даска. Исечете го на половина, уживајте во совршениот „сос“ од кашкавалска лава.

Калории не броиме затоа што не сме фанови на Колдплеј, нити пак вработени у ејчар, или не дај боже фитнес инфлуенсери. Одби Сотоно!
На здравје!
Кирил Стоименов - Исус Христост