Здраво мезе за со сто пивца

Очекувано е сега овде да го развијам оној класичен, полу-евтин хумористичен контраст: како од една страна прецизно мериме леблебии и печеме зелени протеински розети, а од друга страна целиот тој здраворазумски мезелук го давиме во базен полн пиво. Но, нема. Тој очигледен апсурд овде ќе ми послужи само како обичен форшпил, како мал воведен отварач за една многу подлабока тема што ја начнавме додека мезевме и пијуцкавме: Именоууу, разговаравме за тоа како неолибералниот капитализам толку подмолно и диктаторски ни ги управува животите, темпото и целосниот начин на функционирање. Односно, како од понеделник до петок сите играме улоги на квази совршени, дисциплинирани граѓани кои се хранат здраво, локаат смутија, мерат калории, одат на товарална (теретана на изворен македонски) и френетично инвестираат во сопствениот „well-being“.

Но, тоа не го правиме од чист порив и љубов кон здравјето, туку за да одржиме капацитет за продуктивност во машина што бара максимум од нас. Секојдневно ја потиснуваме фрустрацијата од рокови, корпоративен притисок и тивок, суптилен стрес. Можеме да бидеме главни извозници на кортизол - хормонот за стрес, за неупатените.

А потоа доаѓа петок вечер. Тогаш настанува вистинската метаморфоза, на која што и Кафка би подзавидил: деловните кежуал одела, кошулите и фитнес-опремата одеднаш се соблакаат, а луѓето како со некоја однапред програмирана команда се облекуваат во нови, имагинарни нуркачки одела и безразмислувачки се фрлаат во длабоки, хектолитарски базени полни со алкохол. Моментот каде што социјалниот вентил експлодира. Ова нездраво, форсирано темпо на живеење суптилно го десеткува менталното здравје и кај машката и кај женската популација, создавајќи генерации на анксиозни, прегорени луѓе кои преку недела се фанатични робови на фитнесот, а за викенд се робови на деструктивното опуштање.

Тоа е најперфидниот систем на денешницата: нè претвори во совршено функционални, задоволни и среќни робови кои солидно заработуваат за да можат без проблем да си го приуштат пијалокот за сопственото бегство од реалноста.

Па, додека филозофираме за оваа капиталистичка дистопија и ја чекаме следната работна недела, ајде барем да мезнеме нешто што нема дополнително да ни ги оптовари грижите на совеста.

Состојки

  • Сварена леблебија (наут): 300g
  • Замрзнат спанаќ: 2-3 брикети (или рака свеж)
  • Урда или бело сирење: околу 60g
  • Јајце: 1 жолчка
  • Зачини: Сол, црн пипер, лук во прав
  • За посипување: Бел и црн сусам
  • Алиби за разговорот: Студено пиво (по можност во големи количини)

Постапката:

1.Соединување
Во блендер ставете ги леблебијата, спанаќот, урдата, жолчката и зачините.

2. Блендирање
Пулсирајте со блендерот додека не добиете кремаста, густа и хомогена зелена смеса.

3. Обликување на грицките
Истискајте мали, елегантни розети врз тава обложена со хартија за печење, користејќи готвачки шприц или обична ќеса.

4. Сусам
Посипете ги сите розети со комбинација од бел и црн сусам.

5. Печење и сервирање
Печете во загреана рерна на 180°C околу 15-20 минути додека розетите не добијат лесно запечена коричка и не станат крцкави.

На крајот на краиштата, можеби не можеме со еден потег да го срушиме системот што ни го диктира ритамот на постоењето, но барем можеме да ги бираме нашите мали отпори. А кога отпорот доаѓа во форма на крцкаво зелено мезе и студено пиво споделено со вистински луѓе, тогаш слободата, макар и на неколку часа, станува потполно вистинска.

Кирил Стоименов, здраво-деструктивец

 

20 септември 2026 - 10:50