
Своеглавоста, што се однесува на готвењето, ни е национален спорт. Во ера кога телефонот ни го знае следниот чекор пред да го направиме, за ручек сè уште се потпираме на трикови од типот „сечи на око“, „соли од рака“ и „така правеше баба ми, не експериментирај“. Ги обожаваме тие стари кулинарски марифети и митови и, да, некогаш од нив знае излезе нешто феноменално. Ама ајде да не се лажеме: исто толку често тие „проверени рецепти“ завршуваат со тешка утка, епик фејл, штама на трпезариската маса како да сте отидени некаде „со свеќичка“ и разочаран поглед упатен кон амбисот во чинијата.
Мојот личен кулинарски кошмар е слаткиот компир. Бататот е тип зеленчук што мисли дека е попаметен од сите нас. Колку и да му пристапиш мераклиски, тој на крај секогаш ќе ти сервира исти тонч: ќе бид млитав, овенат помфрит со ерективна дисфункција. Нешто што повеќе личи на варен зеленчук отколку на крцкаво мезенце кое би повлекло хектолитар пиво. Затоа, овојпат решив да ги дигнам рацете од бабините деветини и да ја повикам на помош науката.
Наместо да се крстам пред загреаниот зејтин како горд скептик кон се што е „научно“, искористив два исклучително едноставни хемиски трика за конечно да го сместам бататот таму кај што му е местото: Вода со малку алкохолен оцет. Бататот има премногу пектин - тоа е она природно „лепило“ што ги држи клетките на зеленчукот. Кога ќе го потопиме во вода со оцет, пектинот нагло се зацврстува. Наместо да омекне и да се распадне на висока температура, оцетот му прави вистинска мускулна конструкција. Брашно со прашок за пециво: Прашокот за пециво содржи киселини и бикарбонат што во контакт со влага и топлина прават мини-експлозија од микроскопски меурчиња. Штом овој сув микс го погоди врелото масло, тие меурчиња ја сушат површината за секунда и создаваат толку тврда и крцкава коричка што буквално ќе ја слушнете во соседната соба.
Состојки
- Сладок компир (Батат): 4–5 парчиња
- Вода и алкохолен оцет: За кратко натопување (1-2 лажици оцет во 150 мл вода)
- Брашно: 2-3 супени лажици
- Прашок за пециво: 1/2 лажичка (пазете, не сода бикарбона)
- Зачини: Сол, оригано, малку мелен црн пипер
- Масло: За длабоко пржење
Постапка:
Излупете ги компирите и исечете ги на тенки, еднакви стапчиња. Во сад помешајте ги брашното и прашокот за пециво. Ова е тајната смеса за создавање на идеална, решеткаста коричка. Во мал длабок сад измешајте ги оцетот и водата. Посипете третина од сувиот микс преку стапчиња батат, додадете сосема малку вода (колку да се направи тенок, леплив филм) и измешајте со раце или лажица за секое парче да си добие свој заштитен слој. И вака додека целиот микс од брашно не е налепен по компирите. Спуштете ги во добро загреано масло.




Маслото треба да биде загреано на 160 степени. Ако немате кујнски термометар, уклучете ја ринглата на 5 од 9 и загревајте 5-6 минути. Потоа ги пржиме компирите 4-6 минути.
Трик-смесата од прашок за пециво веднаш ќе реагира со топлината, а оцетот од првиот чекор нема да му дозволи на компирот да капитулира и да омекне.

Извадете ги врз кујнска хартија за да го избришете вишокот масло, веднаш посипете со сол и оригано.

Ладната кригла, стои заѕверена во вас и се поти нагло зашто знае што ја чека.
На здравје!

Кирил Стоименов - помфритист