Ахх... ИКЕА. Од каде ли да почнам? Најдобро од упатството за употреба и имбусите. Пред неколку децении оваа итра шведска компанија го редефинираше светот на мебелот. Со тој подвиг, на секој дом му подари занимација, забава, но богами и главоболка, нервоза, повод за разводи и слично. Играат на мото: направи, или поточно, склопи сам/а. Низ цела Европа нивните салони се преполни, што поради приступачните цени во однос на квалитетот, што поради нашата денешна тема: ЌОФТИЊАТА. Да си бил у ИКЕА а да не си пробал од нивните фамозни ќофтиња, е исто како да си бил на Предејане а да не си пробал од тоа преценетиот им кајмак. Всушност станува збор за традиционален шведски рецепт за спремање ќофтиња, или фрикадели, како шо ги викаат бледите скандинавци (да не се меша со холандскиот фрикаНдел, греота е). Екстремно сочни ќофтиња, гордост на секоја Шведска баба со преку 3.000 евра пензија.
Ќе им ги поматиме сметките, ќе направиме извесни промени во однос на конвенционалниот рецепт, ќе го адаптираме малце за јужњачко поднебје, пошто од северни предзнаци трауми имаме. Епа, како со секој ИКЕА продукт, ги имаме компонентите, ајмо на шрафење:
Уќофтуваме 500 грама мелено месо, по мајка свинско, по татко јунешко. Сооднос 50:50. Во месото додаваме половина главица (босанска, едра) ситно сецкан кромид. Потоа следи една шепа презла. Зачински момент: покрај сол, додаваме и пола супена лажица морско оревче. Ова е по традиционалниот рецепт. По истиот тој рецепт се додава и мелени зрна бел пипер. Но ова е космополитска рубрика, па затоа ќе додадеме микс од следниве биберести зрна: црн, бел, црвен, зелен. Зелениот е за ванземаљците да не ни се налутат. Потоа додаваме едно седиште на второто заседание на АВНОЈ, или кај обичните смртници попознато како јајце. И мешаме.
Напомена: мешаме дупло од времето за мешање на ‚обичните‘ ќофтиња. На крај, долгото мешаме треба да резултира со паштетеста текстура. Значи правиме душоваднички зафати со раката или со дрвена друидска лажица. Едно 15 минути интензивно мешање. Знаете дека сте готови кога сте се претвориле во Викинзи.
Од добиената смеса месиме топчиња. Величина како голф-лоптица. Во меѓувреме загреваме тава со маслоново на средно-јак оган. Ги пржиме околу 5-7 минути, со повремено мрдање на тавата лево десно, за да се тркалаат и усунчаат од сите страни. Ги тргаме на страна да одморат.
Во истата тава едно 50 грама путер. Огнот го поднамалуваме. Откако е растопен, го цементираме со дрвена кујнска лажица брашно. Оваа смеса ја развиваме со 400 милилитри говедски бујон. Нека прокрчка 5-6 минути. Мешаме постојано. Потоа на ред е лажица сенф. Тврдокорните љубители ќе стават сенф со цели зрна синап. Мешаме уште 2 минути. Заокружуваме со 250 милилитри крем-фреш (хопла).
Ги враќаме назад ќофтињата уште 7-8 минути на тивок оган. Ги обрќаме да се потопат од сите страни од овој блескаво-кремаст сос. Лепотанство. Разбиваме монотонија со еден куп ситно сецкан магданос. Да не испадне дека ве буцкам, ама ја да сум на ваше место, би испил неразумни количини вино, црно како владин бизнис.
Што е најтешко, шведско мелено.mp3
Кирил Стоименов