Хелоуин за православни

Ноќта на вештерките е католичкото Коледе. Или јаренце-пиленце за сатанисти. Ама, секој со својот имагинарен ортак.

Легендата вели дека за Хелоуин пред вратите на сите домови се поставуваат резбани тикви во кои горат свеќи, наречени Џек-о'-Лантерн, за да штитат од зли духови. Ние нема да го следиме енглескиот фолклор, туку низ балканска пракса ќе ја наполниме тиквата со свинско. Шо си е сигурно – сигурно си е. Па нека дојдат сите зли духови, самовили, врколаци, аждаи и Годзили.

Ајмо да го исправославиме Хелоуин!!!

Како прави тиквари, наоѓаме една солидна тиква. Големина како баскет. Марка „Спалдинг“. Може и помала, нема никаков проблем. Во однос на големината на тиквата ќе варира и количината на месото. Ујдисуваме свинска плешка. Околу килце, до кило ипол. Околу маринадата: ја сецкаме плешката на коцки или квадари. Големи отприлика како Родео – тврдо. Ја ставаме во длабок сад и ја напудруваме со следните зачини: сол, бибер, лук у прав, црвен пипер. Хипстерите може да стаат и цимет, ама не е неопходно. Сецкаме еден кромид на ленти и го промешуваме со месото во садот. Истураме троа масло и месото го праќаме во фрижидерскиот Гулаг да одмори цела ноќ. Ако немате толку време и сакате да го маринирате на брзина, оставете го барем еден час. Не бидете фанови на Колдплеј!!!

Во меѓувреме тиквата. Со коси хируршки потези го отстрануваме горниот дел на тиквата. Правиме капаче од отстранетиот дел (кај дршката). Со лажица копаме по внатрешноста и ја вадиме „срцевината“ заедно со семките. Чувајте си ги за утакмица. Ја празниме тиквата сè додека не добиеме портокалови „ѕидови“ со широчина околу сантим ипол. Поентата е да го сместеме целото месо внатре. Овој маневар го изведуваме непосредно пред печењето на месото.

Рикверц кај прасето: Така измаринирано, го побрашнуваме со една супена лажица брашно. Промешуваме. Загреваме масло на тава и кога е топло како хауба у август, го бланшираме месото. Значи не го печеме до посакуваниот финиш, го оставаме „полу-живо“.  Вака кафеаво ишатирано од сите страни го редиме во внатрешноста од тиквата. Помеѓу парчињата може да наложите и гранчиња свеж рузмарин или свежа мајчина душица. Опционалноууууу.

Откако нашиот порки пиг е удобно наложен во тиквата, му истураме шоља бело вино или едно пивце, 0.33. Значи после ова коефицинтот на злите духови им паѓа на 1.01. Ма, ги тргаат од билтен! Тиквата ја сместуваме во огноотпорен сад, плехче, тепсија и ја частеваме летување во тропските предели на рерната да се пече едно четири часа на 180 степени, целзиусови.

Аплауз тиквари!!!

Сервираме парчиња тиква со парчиња месо. Додадете и пире, за дополнителен сексинес. Викнете ги вашите најблиски на „трикс ор трит“ и уместо бомбони стајте им по едно винце. Исто за од зли духови.

Ја се уморив од ставање наводници у овој рецепт.

Накратко:

  • 1 тиква – величина икс ел накај икс икс ел
  • кило до кило ипол плешка. Од царот на животните.
  • зачини
  • кромид
  • рерна, угреана
  • стрплење

До следна глад,
Кирил Стоименов – Изнутриционист

 

31 октомври 2021 - 07:10