Лосос на леб. И игри

Денес нешто ме мава на егзистенцијализам, па ќе почнам вака: човекот е животно што знае да гладува на различни нивоа. Понекогаш гладот е физиолошки - за храна, понекогаш е за допир, а најчесто за нешто што барем малку ќе личи на смисла. Но доколку нема допири и смисла, одиме на сигурна варијанта и си спремаме храна. Се лажеме дека сме гурмани, дека разбираме од текстури, дека имаме рафиниран вкус, а во суштина само бараме нешто што нема да нè натера да плачеме пред фрижидерот.

И овде секогаш се појавува лебецот наш насушен - црн, тежок, со корка што ти го гребе непцето за да те потсети дека животот не е мек играч.

На него оди пастата од шампињони: темна, густа, со вкус на подземје, сведок дека убавината секогаш лежи во распадот.

Лососот е телото во приказната, розево-меснат доказ дека распадот може да биде и нежен.

И малку салата, која како мал свеж измамник ќе се обиде да ти шепне: „можеби сепак има утре“.

Ма има и задутре.

Намирници: 

Кришка леб, едра, од средината, 44-ка бројче
Лосос филета
Моркови (исечени на шибици)
Сусам
Сенф
Јогурт или павлака
Сол, бибер, црвена пиперка
Неколку шампињони
Марула

Постапка:

1. Лососот го печеш кратко, само толку да му го разбудиш вкусот, а да не го претвориш во тапо суво месо. На 160, максимум 8 минути.

2. Шампињоните ги печеш со него и потоа ги фрлаш во блендер и правиш црна паста што изгледа како катран. Бидејќи се печени, природно ќе си ја добијат оваа боја. Посолуваме.

3. Морковите ги мешаш со јогурт, сенф, сусам и зачини.

4. На печениот лебот ја мачкаш темната паста, врз неа редиш лосос, и на врв салатата од моркови и зелени листови.

5. Јадеш со раце, без срам, со устата валкана и мал презир кон светот.

Шега на страна, ова можеш да го модифицираш и склопиш како сендвич, или да го разбиеш на мали канопи уз кетеринг за твојата следна прослава.

На здравје!

Кирил Стоименов - Леб и кригли

21 септември 2025 - 09:59