Руски патриотски кампови за тинејџери

Околу 200.000 млади низ Русија, обично меѓу 11 и 16 години, моментално членуваат во воени клубови, во кои се вежбаат вештини како пукање (од воздушна) преку димна завеса од гранати, и облекување одело за заштита од хемиски напад.

Освен теренските активности, клубовите нудат и историско образование со цел "кај младата генерација да се разбуди интересот за историјата на татковината, славните дела на нашите предци, и да се поддржи ширењето на воено-историското знаење".

Американската фоторепортерка Сара Блеснер, посетува неколку вакви кампови низ Русија, интересирајќи се конкретно за национализмот, не само рускиот туку општо како идеологија. Како што објаснува таа, нема ништо погрешно околу патриотизмот, "сепак овие два збора, национализам и патриотизам, лесно се замаглуваат, и патриотската реторика може да доведе до националистичко размислување".

Во селото Дивево, таа се запознава со Артјом Баклашкин, ученик во средно училиште кој стражари како дел од неговиот тренинг во еден клуб на луѓе што учат да преживуваат. Целта на овој клуб е да ги подготви своите млади членови за идните војни и за пост-апокалиптичен живот.

Она што забележува Блеснер е дека обуката за оружје е "искомбинирана со забавни и друштвени активности, како караоке или танцување, па целото искуство изгледа како игра".

Потоа го посетува кампот на Православниот воин, што се наоѓа во Ставропол (на нешто помала оддалеченост од Москва отколку Скопје), каде освен боречки вештини, обука за користење козачки нож и тактички маневри, се учи и за православието.

Освен патриотското образование, во кампот на Православниот воин е сместена и реликвија за која се верува дека му припаѓа на еден од најголемите руски светци Св. Серафим, заради што тој е редовно посетуван од верници.

"Иако ние во САД го немаме овој стил на патриотски кампови или клубови, ние го имаме ЈРОТЦ (армиската програма за обука на млади резервни офицери), кадетски школи, па до некаде и извидниците.

На идеолошко ниво, реториката е многу слична и еднаква со таа во Русија," објаснува Блеснер.

Самата авторка на репортажата се надева дека таа нема да биде "воајеристички прозорец кон светот", туку дека ќе функционира како "огледало за да се погледнеме самите себе".

 

21 февруари 2017 - 17:58