Гледанка

„Крајот на турнејата" (2015)

Оние кои со нетрпение очекуваа филм за писателот кого во некролозите по неговото самоубиство го нарекуваа „виртуоз", „граматички гение" и „манично љубопитен" ќе останат разочарани. Оние неоптoварените од ликот и делото на Валас во овој филм (можеби) ќе видат слаба варијанта на приказната за Салиери и Моцарт. Ние сме од првите.

„Мојата вечера со Андре" (1981)

Колку може да биде интересна драма во која нема ништо друго освен двајца што седат на маса, и скоро два саата само дрндаат? Многу, многу.

„Адамовите јаболка" (2005)

На што можеш да се надеваш во свет кој е генерално неправичен и зол? На тоа дека ако се грижиш за него, едно дрво може да ти роди доволно за од јаболката да направиш пита, за тебе и твоите пријатели. Убав филм, со многу крв, хумор и крај кој успокојува.

„Дени Колинс" (2015)

Филм базиран на вистинска приказна за човек што добива писмо од Џон Ленон 34 години откако тоа било испратено, со Ал Пачино во главната улога, и музика од Ленон во позадината. Ќе бевме задоволни и ако во него немаше ништо повеќе од ова.

„Неволниот фундаменталист“ (2012)

Одличен филм на Мира Наир за „хибридните идентитети", формирани врз основа на различни, понекогаш контрадикторни вредности, кои неволно но сепак одлучно знаат да го изберат фундаментализмот како излез од ваквата подвоена ситуација.

„Лудницата Стоунхрст" (2014)

Базиран на сатиричен расказ на Едгар Алан По, филмов пука од потенцијал за истражување на тенката граница помеѓу она што е (наводно) нормално и она што е (исто така наводно) ненормално и лудо. И покрај блескавата актерска екипа, тој е сепак повеќе љубовно филмче отколку филозофски трактат или ироничен коментар на современата култура. 

„Додека сме млади" (2015)

Што се случува со генерацијата Икс носена од бранот на „Миленумците"? Дали амбициозната младост навистина не знае, а резигнираната старост и да сака, не може? Ова е едно од прашањата кои ги поставува филмот, којшто би бил сосема во ред, доколку не би се трудел од петни жили да биде два филма - едниот благо комичен, другиот крајно сериозен.

„Пат низ Италија" (2014)

Двајца британски актери, кои се играат самите себеси, минуваат шест дена шетајќи по италијанскиот брег. Се мачат јадејќи во прекрасни ресторани, спиејќи во скапи апартмани во кои престојувале Наполеон или Грета Гарбо и едрејќи со брод под име „Трпение". Ама освен од завист и воајеризам, филмот го изгледавме и заради нивните шармантно апсурдни муабети.

Еx Machina (2015)

Тешко е да се гледа научна-фантастика во која речиси совршени човечки „репликанти" се обидуваат да ја преземат контролата, без асоцијации на Блејд Ранер, и чувство дека сè по него е во сенка на неговата визуелна и визионерска моќ. Па сепак, Ex Machina е повеќе од дистописки спектакл во кој главен лик е згодна и (вештачки) интелигентна жена, какви што се изнагледавме во последно време.

„Пики Блајндерс" (2013-)

Сигурно ви се случило некоја серија да ве бендиса, па така при срце да ви прирасне и музиката од неа. Ама да почнете да гледате серија заради саундтракот, и така да се навлечете на содржината? Е, и тоа го има.

„Бранот" (Die Welle, 2008)

Каде се границите на нашата природна потреба за потчинување на авторитет и припадност на група? Колкав е нашиот капацитет за нанесување зло во име на овие „повисоки добра"? Тоа се темите со коишто се занимава oвој филм, правен според реален социјален експеримент, чии резултати се применливи и сега и тука.

„И понатаму Алис" (Still Alice, 2014)

Филм за борбата со Алцхајмер на едно семејство, којшто не би бил ни од далеку толку интересен доколку во него не би играла Џулијан Мур. Бонус: приказната за соочувањето со една друга болест на самиот режисер.

The Giver (2014)

Правен според познатиот роман на Лоис Лоури (Lois Lowry), ова е хумана, но млака дистопија, која вреди да се погледне за атер на Бриџис, ако сте фан на Тејлор Свифт или за да го споредите со книгата.

Whiplash (2014)

Каде се границите на тоа да туркаш некого - како родител, пријател или професор - да го даде најдоброто од себе? И дали инсистирањето на совршенство ја оправдува суровоста, која единствено може да се спореди со војнички дрил? Ова се прашањата со кои се занимава филмов, после кој некое време ќе ве болат прстите, како да сте држеле тапанарски палки.

„Американски снајпер“ (2014)

Расистички или патриотски? Филм за психопат-убиец, или за жртва на разните Рамсфелди и Чејновци, кои ги имаат поставено снајперите на покривите на Ирак? Барем едно нешто е сигурно - Бредли Купер е секси со 20 килограми повеќе. 

„Теорија за сè" (2014)

„Зошто Хокинг ја одбил титулата витез од кралицата?" - со доза на чудење прашав на одјавата на филмот. „Затоа што не можел да клекне" - објасни присутниот физичар во собата.

Утопија (ТВ серија, 2013-)

Има нешто бизарно во тоа фатен од ишијас, цела недела неизлезен од дома и под седативи, паралелно да следиш снимки од седници на Собраниски комисии, и серија каква што е оваа. Дури и откако ќе се кренеш на нога, сè уште не ти е баш избистрено - што е тука (негативна) утопија, а што реалност.

„Св. Винсент" (2014)

Иако на моменти балансира на фината граница на мелодрамата, филмов не може а да не ве освои. Причина: во него игра Бил Мареј, и тоа во тандем со едно преслатко дете.

„Левијатан" (2014)

Има две работи кои можат да помогнат во толкувањето на овој филм: истоименото дело на Томас Хобс, библиската приказна за Јов и митолошката слика за Левијатанот. Но и без ништо од сето ова, трагичната приказна за беспомошноста на малиот човек пред корумпираното и аморално чудовиште од систем не може а да не ве допре.

„Задоволство" (1952)

Базиран на три раскази на Ги Де Мопасан, филмов делува неверојатно свежо, и по темата и по начинот на кој е сниман. Дали нешто се променило од крајот на 19. век кога се во прашање „цивилизираните“ мажи и лажниот морал воопшто? Не баш. 

„Г-дин Никој" (2009)

„Зошто сум јас јас, а не некој друг?" е едно од прашањата кои ни ги поставува филмов. Но многу потешкото е - дали кога би го знаеле одговорот би биле задоволни од oна што сме станале?

„Момчештво" (Boyhood, 2014)

За што се раскажува во овој филм? За едно момче. И тоа не би било ама баш ништо посебно, доколку не сте сведок на неговото реално растење, и тоа за 12 години во текот на три часа.

„Легендата за 1900" (1998)

Спојот на перото на Алесандро Барико и режисерскиот фат на Торнаторе не може да даде лош филм. Она што може да се случи е да се остане на површината на толкувањето на благо мелодраматичната приказна. И тука ептен да се утне.

„Луси" (2014)

Нешто како мешавина на Матрикс, Трансформери и Којанискватци, филмов помеѓу сето тоа „пињау-пињау" и нишањето на колковите на Скарлет Јохансон има и една хумана порака - дека секој има обврска на човештвото по себе да му остави eдно УСБ, полно со знаење. Или барем ЦД со латино.