Букбокс гледаше

„Човекот по име Уве“ (2016)

Номиниран за овогодишниот Оскар за најдобар странски филм, ова е истовремено крајно смешна и крајно тажна приказна, кој ќе ви ја стопли душата.

Уве е еден од оние пензионерите кои ги има не само по шведските, ами и по нашите маала - што не им дозволува на децата да шутираат топка додека е време за одмор, што ги опоменува непрописно паркираните, по цел ден нешто чепка по гаражата, и смета дека е фер комшиите што оставаат клозетска шоља до контејнерот да бидат физички казнети, за нивно добро.

Населбата на Уве се состои од неколку куќички, но е и некаков микро-општествен-космос, во кој има и староседелци, пензионери кои со носталгија се сеќаваат на „она“ време, но и новодојдени семејства со мали и бучни деца, мигранти, тинејџери со точаци, девојки со нервозни чивави, хомосексуалци. На Уве овие промени му создаваат немир, а го нема веќе ни авторитетот на маалски чувар кој го имал некогаш. Тоа, како и фактот што саканата жена му починала од рак пред неколку месеци, прави тој да се одлучи да си врзе јаже околу врат.

Па да се обиде да се самоугуши во гаража.

Па да се упука со пушка во глава.

Иронично, ништо од ова не му успева, бидејќи во клучниот момент обидот за самоубиство го прекинуваат комшиите, со некое нивно глупо барање или беља. Најагилна во ваквите ненамерни интервенции е Иранката Парване, која со својот маж и двете деца (третото на пат) почнува да го дружи Уве. Му тутнува мачка за кој тој треба да се грижи, постојано му бара некаква помош (да ја учи да вози, да ѝ позајми скала), за на крај да почне да му ги остава на чување и децата. Така, со посредство на комшиите, истите оние на кои тој со децении им изигрувал „цајкан“, сега тој наоѓа нова смисла во тоа да бидеш помеѓу и со други луѓе.

Помеѓу различните суицидни епизоди, во моментите кога (велат) животот минува пред очи како на филмско платно, токму така пред наши очи минува и животот на Уве. Стануваме свесни за причините на неговото опсесивно однесување, и трагедиите низ кои минал. Татко прегазен од воз, запалена куќа, автобуска несреќа во која бремената сопруга останува инвалид и го губи бебето...Дури и не е за верување низ што минал овој човек. Така, неговиот лик (прекрасно одигран од Ролф Ласгард) станува симбол на сеопштото човечко страдање, кое може да се поднесе и преживее единствено ако како противтежа има љубов од блиските. Без оглед дали тие се во вид на семејство, соседи или мачка.

На моменти филмот, инаку правен по истоимениот бестселер, дебитантската книга на Фредрик Бакман, не е лесен за гледање. Но како и во животот, сцените на трагедија се сменуваат со апсурдно смешни. Како кога ја откриваме причината зошто Уве со години не зборува со сега веќе хендикепираниот комшија Руне, со кого биле вечни ривали во одржувањето на редот и мирот во населбата. Додека Уве цел живот купувал и возел Сааб, Руне сакал Волво, факт кој откако бил откриен станал непремостлива разлика. И таман по многу години решиле да ги закопаат воените секири, и на старост да се смират, Руне купува Бе-ем-ве и така засекогаш ги упропастува шансите за повторно пријателство.

Сите сме ние понекогаш Уве, тврдоглави и настојчиви во глупите принципи. А сè што ни треба е кафе и парче торта во сабота, во еден часот, во омилената слаткарница, со омилениот другар.



Илина, Букбокс

3 февруари 2017 - 11:33