За Луи Си-кеј на сајтов е пишувано обилно и детално, од „Луи Ц.К. за човечката природа“, „Советите за родителство на Луи Ц.К.“, „Луи Ц.К. ќе гласа за Хилари“...Но еден од насловите се издвојува. „Неочекувано длабок Луи“, вели најавата за видео во кое тој низ дијалог кој трае неполни три минути успева да ја претстави суштината на љубовта, која го заслужува ова благородно име само кога боли и кога те остава со кучешко гомно во рака.
Зошто една ваква тема и пристап би биле „неочекувани“ за комичар? Затоа што тие отстапуваат од стандардната „хаха-хихи“ нарација, која освен што има за цел да насмее нема некоја друга - подлабока - филозофска поента? Можеби токму ваквото површно сфаќање на хуморот, без земање предвид на неговиот катарзично-терапевтски ефект на очудување и познание е причината зошто тој ист Луи минатата година одлучи да се занимава со нешто поинакво, за кое и неговите долгогодишни фанови не можеа да најдат соодветен збор. Не сакајќи целосно да се откажат од комедијата персонифицирана во неговиот лик и дело, тие ја опишаа неговата самонапишана, саморежирана и самопродуцирана серија „Хорас и Пит“ како „драмедија“.
Приказната за мрачниот бар во Бруклин, кој постои на истото место и со газди под истото име - Хорас и Пит - еден цел век, е всушност тензична, горчлива, клаустрофобична, трауматична, политички скроз некоректна, ангажирана и на моменти насилна - трагедија. Голем број критичари го поставија прашањето, дали таа е воопшто телевизиски производ, со оглед на тоа колку личи на театарска претстава, и по формат, и по камерното чувство кое го создава, како кога „Стаклена менажерија“ или „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ би биле пишувани во 2016. Ниту едно ТВ шоу не содржело толку многу прекрасни монолози изговорени од толку прекрасни актери, како самиот Луи (Хорас), Стив Бушеми (Пит), Џесика Ланг (поранешна љубовница на таткото на Хорас и Пит), Еди Фалко (нивната сестра Силвија) и уште куп ликови-гости во барот, чии макар и кратки реплики долго се памтат. И, не помалку важно, па дури и клучно - не се сеќаваме на што и да е на телевизија кое толку храбро се однесува (се расфрла) со сопственото времетраење. Третата епизода, на пример, почнува со монолог снимен од блиску на поранешната жена на Хорас, Сара, која зборува, и зборува, и зборува...и така девет и пол факинг минути, сè додека камерата на премине на Хорас кој успева да искоментира само „Зошто ми го кажуваш сево ова?“, за потоа Сара повторно да продолжи со нејзината приказна. Истата храброст, па дури и повеќе, важи и за тишините, кои се обилни и тешки, но и органски дел од приказната која бара да се подзастане, да се продума, да се подголтне.
Во овој микрокосмос, типично кафански за некое минато време, но нетипично њујоршки во доба на хипстерски смути-барови или такви во кои се служи „Корона и мешани пијачки“ (строго забранети во „Хорас и Пит“), се дискутираат политика, женски права, родителско-детски односи, смислата на животот. Некои луѓе постојано зборуваат, други скоро секогаш ќутат, трети се само физички присутни. Речиси и да нема музика, освен меланхоличниот акорд на гитарата на Пол Сајмон (горе), автор на песната која ја отвара и затвора секоја епизода, и уште по некоја од оние стари и добри од џубоксот во барот. Временските маркери се точно поставени, дури и претерано нагласени за дело кое ги има сите предиспозиции да биде класика - на пример постојаното спомнување на Трамп или случајот со милионската отштета што ја доби за порно снимка Халк Хоган. Но тие се само сведоштва со што сме се занимавале додека животот ни наметнувал многу посериозни искушенија, кои се претвориле во трагедии затоа што сме ги игнорирале.
Такво клучно искушение во „Хорас и Пит“ е менталната болест на Пит, кој по долгото време поминато во психијатриска болница успева да живее колку-толку нормално благодарение на лекарство кое му ги потиснува параноите, помагајќи во барот, и живеејќи заедно со Хорас во истата зграда во која е сместена и кафаната, од која и двајцата многу ретко излегуваат. Таа станува нивната „црна јама“ во која се чувствуваат безбедно, но која полека ги јаде, како термитите кои го уништуваат стариот дрвен мебел во кафаната. Сестрата ги моли да го продадат имотот за кој можат да добијат неверојатни шест милиони долари, но тие инсистираат на традицијата како врвна вредност. Всушност се длабоко уплашени од секаква промена, па макар и на подобро. Таа - промената - сепак доаѓа, сурово и кога најмалку ја очекуваат. Во последната епизода не хуморот, туку трагедијата го има долго очекуваното катарзично дејство, после кое останува само прашањето - дали можеше да биде поинаку?
Луи по завршувањето на серијата која тој ја самофинансираше, наплаќајќи им на фановите преку сопствениот сајт најпрвин 5, па 3 долари по епизода, изјави дека со неа влегол во загуба. Веруваме дека парите некако ќе ги надомести. Но му честитаме на желбата и упорноста зад себе да остави вакво дело, заради кое ќе биде запамтен не само како комичар, туку и како врвен раскажувач. И да, длабок човек.
Две антологиски сцени:
Дискусија за трансексуалците (15 мин што вредат)
Како човек да се заљуби? (7 мин)