Риз Витерспун е Медлин, Лора Дерн е Рената, Никол Кидман е Селест, Зои Кравиц е Бони и Шајлин Вудли е Џејн. Овие пет жени, секоја со свој табиет и семејна ситуација, ги спојува тоа што се мајки на деца на иста (шестгодишна) возраст, кои одат во исто училиште, и се движат во истиот социјален круг, тесен и често тегобен во оговарањата, подметнувањата и недовербата кон новодојдените.
Централната мистерија на серијата ни се открива уште во првите минути од првата епизода - на гламурозната забава за собирање средства за основното школо се случува убиство, иако до последната, седма епизода, не знаеме ниту кој е убиениот, ниту кој е убиецот. Изјавите за полицијата на сведоците и осомничените, со кои е испресечено дејството, се некој вид „антички хор“ на оваа трагедија - секој од жителите на навидум идиличното место покрај океанот е одлично информиран за животите на останатите, и иако голем број од коментарите делуваат и злобно, и напумпано и крајно субјективно тие ни овозможуваат не само пополнување на намерно оставените празнини во нарацијата, туку и на доловување на комплетната, микро-социјална атмосфера која владее помеѓу богатите, (главно) бели жители на Отер беј, а која многу потсетува на репресијата и надзорот кое владее(ло) во кое и да е село на Балканот.
Главни играчи во ваквите односи се спомнатите пет жени, кои среде океанските пејзажи натопени во есенско сонце и преубавите ентериери на нивните домови не можат да го најдат својот мир, и барем за момент да уживаат во своите привилегирани животи. Има тука и приказна за силување, за домашно насилство, за вонбрачни афери, за стресот на жените на високи бизнис позиции. Јазот помеѓу она како нештата изгледаат и вистинската ситуација кај повеќето од нив е голем, иако најтрауматичен е случајот на Селест (Кидман), која во пар со нејзинот маж и машките близнаци изгледаат како излезени од каталог на претставници на некаква супериорна раса. Нејзините противречни чувства на крајна лојалност и ужаснатост од насилничката љубомора на нејзиниот маж, и обидите да се извлече од неговите стегнати тупаници, се меѓу најсилните моменти во приказната.
На крај дознаваме и кој е убиен, и кој е силувач и кои се убијците. Но тоа и не е толку важно - ова не е серија која го оправдува своето постоење само поради финалето. Не е ниту некаква феминистичка апологија на животот на богатите Американки, кој ете не е секогаш мед и млеко. Ова е приказна токму за големите и мали лаги кои ни ги кажуваат или си ги кажуваме самите, за траумите и начинот на кој тие истоврмеено се создаваат и се разрешуваат во заедница со други луѓе. Тие, другите, се понекогаш пеколот, а понекогаш рајот. Во случајот со Медлин, Рената, Зои, Селест и Џејн, нивната женска солидарност им го овозможува тешко заработеното парче раат.
Огромна улога во градењето на атмосферата во серијата која неодамна доби 8 награди Еми има музиката - меланхолична, тивка, која доаѓа во бранови. Откако ќе ја изгледате серијата можно е често да ѝ се навраќате, со чувство на „есен“ во себе. Но и со чувство на некаква задоволена правда и заработен спокој. Издвојуваме две од нив, кои можеби ќе ве натераат да ја изгледате серијата:
Leon Bridges - River
Alabama Shakes - This Feeling