Годината е 198-и-некоја. Џо Мекмилан, згоден дечко во своите триесети, клучен играч во промоцијата на новиот Ај-би-ем персонален компјутер, држи час пред студенти по информатика. Една од нив, младата, паметна и арогантна Камерон Хау, му остава впечаток со своето знаење и контрашки став. Паѓа секс и почнува врска која ќе ги обележи нивните животи, но и развојот на настаните во компјутерскиот бизнис во следните десет години, колку што покриваат (засега) трите сезони од серијата.
Првата, која прилично бавно ги воведува ликовите и настаните, можеби намерно ги отсликува и првите бавни и несигурни чекори во компјутерската индустрија - гранка која во осумдесетите е поле за креативен и културен натпревар помеѓу гиковите, а која во следните години ќе стане корпоративна ламја од матични плочи, кулери, чипови, куќишта и софтвери. Некој со повеќе знаење од компјутери веројатно би смислил и подобри метафори за она низ што поминуваат низ серијата Џо, Камерон и нивните бизнис партнери/пријатели/непријатели/конкуренти Гордон и Дона Кларк, талентирани компјутерски инженери и семејни луѓе со две ќерки, чиј обид за микро-компјутер Симфони пропаднал во 1981.
Џо со неговиот заразен корпоративен ентузијазам и генерална харизма успева да ги запали за заеднички проект, најпрвин правење нов пренослив компјутер кој би бил конкурентен на оној на Ај-би-ем. Тука почнува нивната трнлива соработка, која ги рефлектира, во микро формат и со прилично забрзано темпо, сите фази од историјата на компјутерите, игриците и онлајн комуникацијата, која оние родени некаде во седумдесетите и самите ја сведочеа и живееа - од Атари, Нинтендо, Комодоре, МИРЦ до Виндоус и www. Секоја епизода е како софтверски апдејт, во која се поправаат „баговите“ и се подобрува „корисничкото искуство“, додека рамката останува иста.
Секако, ликовите не се реални историски играчи во овој бизнис, но се нивна персонификација, замисла за тоа како би можеле да изгледаат и да се однесуваат пионери во оваа област, со сите предизвици не само од занаетчиска и финансиска, туку и од човечка природа. Низ серијата, само делумно ферски опишана како „корпоративен трилер“, главните конфликти меѓу ликовите се сведуваат на две нешта. Првото: додека едни тежнеат кон вистински откритија и револуционерни пресврти кои се често ризични не само по нивните кариери туку и по нивните животи, други се за патот по кој почесто се оди, оној на сигурните добивки и минималните шанси за неуспех. Второто: подготвеноста да му се забие џојстик во грб на љубовникот, сопругата, пријателот и колешката за да се испадне најфраер и највизионер. Ова второво го има толку многу што во третата сезона веќе не се знае ниту кој прв почнал, ниту кој е крив. Врските се раскинуваат исто толку страсно колку што започнале, има куп подметнувања, предавства (дури и едно самоубиство), промена на позиции и трансфер на играчи. Секој од ликовите поминува низ своја еволуција, и притоа некои од нив (Камерон) остануваат поприврзани кон своите првични принципи од други, кои доживуваат и драматични промени. Но без оглед на тоа, сите се толку привлечни на својот зафркнат начин што техничките детали (кои кој знае и дали се сосема автентични), барем за лаици, стануваат сосема неважни.
Иако на почетокот изгледа дека мрачниот анти-херој на серијата е Џо Мекмилан, и дека така и ќе остане, наскоро станува јасно дека тука всушност главен лик и нема, туку дека тој, „ликот“, е конгломерат од идеите и табиетите на сите инволвирани. Ако нешто избива во прв план, тоа е сепак женскиот пар Камерон-Дона, и нивниот обид не само да преживеат во доминантно машкиот бизнис, туку и да не се изедат меѓу себе докажувајќи која е „алфа женка“.
Бонус на доживувањето е одличниот саундтрак со поизвиканите но и со некои неправично маргинализирани музики од времето на кое се однесува серијата. Гледајте ја, особено ако не знаете како изгледаше радоста да играш 8-битни игрици или да слушаш титкање на дајл-ап модем. Интрото долго ќе ви одѕвонува во глава, баш како и она тиии-ѕѕѕѕ-џччџчџч-тииии...