Bookbox

„Боречки клуб 2“

Во мај ќе излезе долго очекуваното продолжение на книгата на Паланиук, според која беше направен антологискиот филм со Бред Пит и Едвард Нортон. Ликот на вториов во меѓувреме се оженил и станал мифка, ама Дарден нема да го остави уште долго на раат. 

Се планира продолжение на „Момчештво"

Филмот на Линкејтер беше неправедно прескокнат од Академијата, којашто ѝ додели само награда за споредна улога на Патриша Аркет. Но ова не го разочарува режисерот, кој иако најпрвин сметал дека ова ќе биде еднократен, додуша 12-годишен проект, сега вели дека приказната за момчето Мејсон има шанси да продолжи, со неговите студентски денови. 

Музика за убивање

19-вековна класична музика, особено онаа на Бетовен, се користи во игрите со пукање во прво лице (first-person shooter games). Романтицизмот, значи, е преферираната музичка придружба на виртуелното убивање.

Рејмонд Чендлер за Оскарите во 1948

Славниот американски писател, најпознат по неговите детективски романи и кратки раскази, во 1948 во Атлантик објавил долг текст посветен на филмската уметност и индустрија, но со посебен акцент на наградата Оскар. Помеѓу другото тој го коментира и начинот на гласање.

Нов мемоар на Ким Гордон од „Соник Јут“

Речиси 30 години бендот Соник Јут беше познат по еден од најславните инди рок парови - Трстон Мур на гитара и Ким Гордон на бас. Во 2011 тие се разведоа, и тој се распадна. Во новиот мемоар, „Девојка во бенд", Гордон ги раскажува најдобрите, и најлошите моменти од ова патување.

Дали треба да има Оскар за најдобро истражена приказна?

И покрај тоа што на сите им е јасно дека игран филм не е исто што и документарец, огромен број холивудски филмови се критикувани заради нивното „непридржување кон фактите". Дали тоа би можело да се надмине со посебна награда за најквалитетно помирување на историските податоци со фикцијата?

Како го запалија Анте Томиќ

Пред неколку дена во местото Проложац, во Имотска краина, за време на карневалската прослава којашто традиционално завршува со палење кукла која асоцира на ретроградност и зло по заедницата, е „жртвуван" лик на - новинар и писател.

Koj бил вистинскиот Џејмс Бонд?

На 4 јануари 1900 во Филаделфија се родил Бонд. Џејмс Бонд. Но овој кога ќе порасне нема да биде таен агент и плејбој, туку - орнитолог.

Изумирање на една професија: професионален „вртач“ на ноти

Дали технологијата ќе ги замеша своите долги (клавирски) прсти и кога станува збор за оние тивки придружници на музичарите, кои се на сцената само за да ја свртат страницата кога е тоа потребно? Нам би ни било жал - баш уживаме гледајќи ги како во грч го чекаат својот ред и со тоа додаваат драматичност на секоја изведба.

10 славни режисери кои никогаш не добиле Оскар

Дека Оскарите не треба да се земаат толку сериозно покажува овој импресивен (иако не и конечен) список на врвни режисери кои никогаш не го добиле. Им надоместувале со некакви почесни награди, но тие си знаеле како им било откако по неколку пати си оделе дома со празни раце.

За љубители на слатки животни и мрачни филозофи

Има денови, а тоа се повеќето денови, кога цитатите од стереотипно депресивните филозофи делуваат баш онака на место. Уште поубедливи и поточни стануваат кога се илустрирани со слатки животни. Дури тогаш го заслужуваат името - мотивациски постери. Еве неколку од нив.

Интервју со Павел Павликовски, режисерот на „Ида“

Еден од номинираните филмови за Оскар од неанглиско говорно подрачје оваа година е полскиот „Ида", црно-бела драма чиј главен лик, токму пред да стане калуѓерка, открива дека нејзините родители биле Евреи, убиени од Полјаците.

Идните француски претседатели ќе мора да учат англиски

Французите никако да се одлучат, дали англискиот јазик им е душман или корисна алатка за комуникација. И додека едни нивни институции грчевито се обидуваат да го заштитат францускиот јазичен фонд од наездата на странски зборови, други го воведуваат англискиот како обврзен.

Јасновидецот Кептен Бифхарт

Луѓето кои го познавале Дон Ван Вилет аka Бифхарт кажуваат дека тој имал необични дарби, кои ги надминувале оние музичките. И дека, меѓу другото, го предвидел убиството на Џон Ленон.

Кратка историја на скубењето

Нова книга под наслов „Искубано: историјата на отстранување влакна" од Ребека Херциг испитува еден необичен феномен - и покрај тоа што повеќето од цицачите на планетата поседуваат обилно крзно, само човекот минува низ триста маки за да го отстрани. Зошто?

Филип Левин - поетот на работничката класа

Поранешен добитник на Пулицер, чија поезија ги содржи звуците, мирисите и болката на тешката физичка работа, почина на 13.2 во неговиот дом во Калифорнија. Имаше 87 години.

Историја на „љубовта кон читањето"

Колку пати сте слушнале дека некој „сака да чита", или сте изјавиле дека сте „љубител на добрата книга"? Нашата врска со книгите често личи на љубовна приказна, која вклучува занесеност, интимност, опсесивност. Но односот кон книгите и читањето не бил отсекогаш таков.

Кој беше Дејвид Кар?

По 25 години во медиумите, 58-годишниот Дејвид Кар почина во редакцијата на Њујорк Тајмс, кадешто ја пишуваше понеделничката колумна „Медиумска равенка" (The Media Equation), посветена на телевизијата, социјалните медиуми и издаваштвото.

Опера посветена на Никола Тесла

Тројца славни уметници - Фил Клајн, Џим Џармуш и Роберт Вилсон подготвуваат театарски портрет, кој е исто толку визионерски колку и оној кому му е посветен.

Музичарот со 150 албуми, кој никогаш не постоел

Необична сторија за човек чијашто уметност наскоро ќе биде изложена во музејот Смитсонијан, а за кого не се знае речиси ништо. Освен дека прави измислени албуми, без музика, на црни картонски плочи. И дека не се вика Мајк.

Најубавите љубовни писма на сите времиња

Осигурителната компанија Бигл стрит финансирала анкета којашто требало да покаже кое љубовно писмо според Британците е најдобро на сите времиња. Победник, пред Черчил, Наполеон и Бетовен е - Џони Кеш.

50 нијанси неефикасен лубрикант

Eдна жена ја тужи авторката на еротскиот бестселер, затоа што производот што таа го промовира не ги овозможува рекламираните оргазми.

„Умна" корица којашто ги проценува вашите чувства

Колку пати сте ја чуле изреката „не суди за книгата според корицата“? Оваа го прави токму спротивното - ве суди вас, според вашата „корица“, односно според изразот на лицето. 

Прв роман на Кундера на англиски по 15 години

Kундера (85) со години немаше објавено ништо ново. Оттаму, преводот на англиски на неговиот нов роман „Празник на безначајноста" се смета за причина за прослава, рамна на „враќањето" на Харпер Ли.