Koга Доналд Трамп го коментираше „Граѓанинот Кејн"

Во 2008 Трамп снима клипче во кое го анализира славниот филм. Сега му го вадат, но не за да го ругаат што тогаш бил глуп, туку за да му ја покажат разликата во неговото интелектуално ниво тогаш и сега, кога звучи „како од него да зборува Мусолини“.

Чарлс Фостер Кејн, ликот од антологискиот филм на Орсон Велс, има по нешто слично со Трамп. Обајцата се образовани во елитни приватни училишта (и исфрлани од таму), богаташи се, имаат бурни врски со жени и грандиозни политички амбиции.

Во видеото подолу Трамп прилично артикулирано, но и од гледна точка на некој којшто знае како е да се биде безобразно богат, ја толкува поентата на филмот:

„Граѓанинот Кејн" всушност зборува за акумулацијата. За она што се случува на крајот на таа акумулација, што не е нужно позитивно. Мислам дека Кејн нè учи дека богатството не е сè. Тој имаше богатство, но не беше среќен. Масата се зголемува, се зголемува, додека тој и неговата жена стануваат сè подалечни како што стануваат побогати. Ова го разбирам. Богатството те изолира од другите луѓе.

На крајот од клипот Морис бара од Трамп да му даде некаков совет на Кејн. Неговиот одговор е баш „трамповски" - бомбастичен и мизогиничен. „Најди си друга жена", вели тој.

Извадокот е од проект на познатиот режисер на документарци и оскаровец Ерол Морис кој планирал да сними филм под наслов Movie Movie, во кој сакал да стави современи личности во филмови на кои тие им се восхитуваат. За таа цел ги интервјуирал Лу Рид, Горбачов и други. За жал ваков филм никогаш не е снимен, но клипчето е емитувано на доделувањето на Оскарите во 2002. Погледнете го (4:33 минути)

10 септември 2015 - 12:46