Букбокс гледаше

„Монти Пајтон (главно) во живо" (02 Арена, Лондон, 20. јули 2014)

„Кој ќе речеше пред 45 години дека денес ќе седиме тука и ќе настапуваме како Монти Пајтон" - вака Ерик Ајдл го отвори шоуто, кое беше десети настап на пајтоновци во арената О2 во Лондон ова лето, и (наводно) финален за вјек и вјеков.

Картите за првиот на 1.јули се продале за 43,5 секунди, а бргу пламнале и следните четири, па петорицата останати од оригиналната шесторка по смртта на Чепмен ("One down, five to go"), иако луѓе во години, решиле се нафатат да направат уште неколку настапи, вкупно десет. Последниов го пренесуваа 2,000 кино сали во светот на сите континенти, што во скопскиот случај испадна баш згодно - наместо во просек 45 фунти си плаќаш петстотче, доаѓаш на кино ако сакаш на веспа и во апостолки, се гледаш со пола град - луѓе отприлика твоја генерација (доволно млада да може да искачи три спрата до кино, и доволно стара да се сеќава на скечевите) и заедно си ги потпевнувате сонговите, надевајќи се дека вашиот аплауз некако магиски ќе се втопи во оној на илјадниците луѓе низ светот кои ја формираат таа чудна монтипајтоновска супкултура.

Убаво си рече Мик Џегер во автоироничната најава на повторното собирање на екипата - кој сака да ги слуша истите вицови, со куп старци кои само сакаат да се потсетат на младоста и да соберат пари, кога сето тоа веќе го има на Јутјуб? 

И никој, ни оној што платил петстотче, ни оној што платил карта во фунти, не може да каже дека некој го зафркнал, дека не знаел дека ќе ги гледа истите скечеви и истите фаци, значително овенати, со мешиња и подбрадоци, очигледно уморни после девет целовечерни шоуа, како самите на себе си прават трибјут. Ама пак ако каже дека не му дошло убаво, ќе излаже.

Во убедливо најдобра форма изгледа е Ерик Ајдл, кој е всушност „мозокот" зад концептот на претставата, која изгледаше повеќе како бродвејски мјузикл отколку како летечки циркус. Помеѓу општонародните музички точки, кореографски изведени од момци и девојки кои можат да им бидат внуци на пајтоновци, се редеа скечевите, изведени речиси без амбиција да се прилагодат на остриот заб на времето - на тоа дека веќе не се носат одела од твид, не постојат бакелитни телефони и никој не слуша радио драми седејќи на тросед. Но и без такви прилагодувања, кои можеа да внесат здив свежина, скечевите остануваат антологиски, а најлесно прилагодлив на современ контекст ни се виде оној за Клиниката за аргументи, кој може копи-пејст да се примени и за каква и да е онлајн дискусија.

Ги имаше и песната на дрводелецот, скечот со нарезокот (спам, спам), продавницата за сирење, филозофите што играат фудбал, пингвинот што експлодира, шпанската инквизиција, мртвиот папагал..На моменти сепак имаше импровизации, кои беа забележливи меѓу другото и заради преводот на македонски, кој на тие места разбирливо паузираше, а на други пак бриљираше (преводот на скечот со Човекот кој зборува во анаграми, и синонимите за вагина - манго, расцепена пирошка и минџа - во Тhe Penis Song). Еден од „излетите" во муабетот се однесуваше на бројот на разводи на Џон Клис, кој финансиски беше одран од последната жена, а вториот пак се состоеше од отровни коментари токму на Клис за жолтиот Дејли Мејл. Посебно освежување беше појавата на двајцата познати физичари, Брајан Кокс и Стивен Хокинг во спотот за Galaxy Song, а последниов дури беше и во публиката.

На сцената настапи и Керол Кливленд, единствената актерка која постојано се појавуваше во нивните скечеви, а чие име сепак ретко кој го знае. Нормално, имаше и трибјут на Греам Чепмен кој почина во 1989, без ронка патетика, а таков беше и крајот, достоинствен и по малку трогателен, како последна сцена од вестерн во која шерифите полека одјаваа кон зајдисонцето, затворајќи едно поглавје од историјата на хуморот.

И нормално дека по завршната песна на големиот екран во арената ќе пишува „Уште 2 минути до спонтан бис", и нормално дека на бисот ќе се пее Always look on the bright side of life, и фала богу дека шоуто ќе заврши со калиграфски испишано Piss Off, како антидот на сентименталноста која нè зафати на излезот од киното, сепак среќни знаејќи дека Пајтоновци го остварија токму она што го препорачуваа и кога беа помлади:

For life is quite absurd
And death's the final word
You must always face the curtain
with a bow
Forget about your sin - give the
audience a grin
Enjoy it - it's your last chance
anyhow.

21 јули 2014 - 10:02