Во 1926, кога таа веќе имала објавено шест романи и била познато писателско име, Агата Кристи едноставно исчезнала. Тоа биле 11 денови помеѓу 3 и 14 декември, во кои се одвивала масовна полициска потрага. Откако била пронајдена, таа тврдела дека доживеала амнезија заради сообраќајна несреќа, и дека едноставно не се сеќава каде била сето тоа време.
Сега британската авторка Кејт Мос (не манекенката), позната по нејзиниот роман-бестселер „Лавиринт", археолошка мистерија преведена на 37 јазици, се обидува да ги реконструира настаните околу оваа случка, користејќи исти методи какви што сугерираше и Кристи во нејзините романи - барајќи ги знаците за кои мислиме дека се скриени, а всушност ни бодат очи. Таа по нарачка на Би-би-си напиша расказ за можната емоционална состојба на Кристи во тие моменти, а за да влезе во главата (и срцето) на авторката таа не користела биографски податоци, туку детално ги читала нејзините романи.
„Каде ќе ја најдеш вистината за емоциите на некој писател ако не во нeговите дела? Во нејзините романи Кристи пишува за несреќни бракови кои се распаѓаат, за жени кои ги напуштаат нивните сопрузи. Мислам дека тоа е најдобриот водич. Знаците се во книгите, скриени на ачик", вели таа.
Токму тој декември во 1926 умрела мајката на Кристи, а нејзиниот маж ја известил дека ја напушта за друга жена. На 3-ти таа излегла од куќата во Беркшир, и едноставно ја снемало. Нејзиниот автомобил бил откриен во близина на куќата на Ненси Нил, љубовницата на нејзиниот сопруг Арчи, што поттикнало потрага која вклучила 1000 полицајци, 15000 волонтери и авиони. Таа на крај била пронајдена во хотел во Хароугејт, Јоркшир, каде се регистрирала под презимето на љубовницата, како Тереза Нил. Тврдела дека не се сеќава на ништо, а докторите констатирале амнезија.
Во новиот расказ на Мос приказната ја раскажува фиктивен лик од хотелот. Целиот можете да го прочитате тука