По кратка паника и гласно негодување од нејзина страна, една жена во редот (кој знае што по националност) ѝ рекла: „Имаш среќа. Денес се разведов и сум добро расположена. Ќе те частам карта". Анегдотата е иронична, ако се знае дека самиот Банкси го има наречено проектот „семеен тематски парк". Се разбира, саркастично.
„Дисмаленд" предизвика бројни реакции во медиумите. Некои го нарекоа „пресмешен и повремено шокантен", други „лош и здодевен", а трети „спектакуларен". Но еден од уметниците кои учествуваат во проектот го има дадено веројатно најдобриот опис на проектот: „Воодушевувачки е колку сарказам е е собран на едно место". Дали ова станува преовладувачката естетика на нашето време?
Сарказмот е дефиниран како „употреба на иронија за да се искаже презир", а ваквиот став станува толку доминантен, особено на интернет, што веќе никој не се ни мачи да се затскрие зад некаква досетлива иронија, туку е презрив на прва. Со оглед на „индустриското" производство на сарказмот, и благодарејќи на огромниот квантитет на содржина која ја исфрлаат дигиталните медиуми секој ден тој, според коментатор на Њујорк Тајмс, станува нашиот кич - нешто што е лесно препознатливо (затоа што следи одредена формула), механичко и ја експлоатира нашата подготвеност без голем интелектуален напор да пронајдеме или да произведеме некакво значење.
Примери за ваквиот кич- саркастичен дискурс има во бројни новински написи, кои остануваат на базичното ниво на исмејување, без да се издигнат до софистицирана сатира. Нивните автори најчесто калкулираат само со една работа - дека читателот го споделува нивниот презир. Сарказмот најдобро функционира кога луѓето веќе знаат што сакаш да кажеш, и се согласуваат со истото (на пример како кога саркастично ќе забележиш дека Дисмаленд има врска со Скопје 2014).
Каква врска има сето ова со Банкси? Според споменатиот критичар и тој користи општи места и ги претставува како продлабочени мудрости, а чувството на препознавање референца го продава како вистинско уметничко доживување. На пример една од најпопуларните инсталации од Дисмаленд е распадната кочија на Пепелашка, со нејзиното тело како виси од прозорецот додека наоколу блескаат блицови од папараци. Тука референцата не е баш иронична, а не е ни смешна - со прилично проѕирната асоцијација на принцезата Дијана како некој само да ве прашува: „Ви текнува?". Вам нормално ви текнува, си викате „аха", чувствувајќи се како да сте откриле некое кој знае какво скриено значење, и тука „уметничкото доживување" завршува.
Можеби ова е причината зошто оние кои се сметаат за софистицирани познавачи и љубители на уметноста (и се ставаат наспроти неукиот „плебс" и помодарите) не го поздравија новиот проект на Банкси (а некои од нив и воопшто не можат да го поднесат). Една од нивните забелешки е следна: ако тој мисли дека светот навистина е до толку за никаде што заслужува презир, имало и попаметни работи кои можел да ги направи со своите пари и влијание отколку саркастичен тематски парк (таков текст објави Хафингтон пост под наслов 35 работи кои Банкси можеше да ги направи наместо Дисмаленд)
Како илустрација на горекажаното, еве една разгледница од местото. И покрај тоа што може да ви зазвучи саркастично, таа всушност само го опишува очигледното.