„Мислиме дека можеме сето ова да го завршиме за десет години", изјави во 2007 Марија Маер, тогашна потпретседателка на Гугл, кога Гугл букс беше во пробна фаза. „Ме возбудува колку е сето тоа блиску".
Денес проектот е во летаргија. Од една страна, скенирани се импресивни 30 милиони книги, што го става Гугл во редот на најголемите светски библиотеки (Конгресната во Вашингтон има 37 милиони книги). Ова се смета за сериозно постигнување. Но, како што забележува Њујоркер, поголемиот дел од ова се уште не е пристапен. Доколку пребарувате книги кои веќе не се во печат, често добивате само делови од текстот а нема начин да ја видите целата книга. Идејата беше да се стават онлајн цели книги и списанија кои веќе немаат реална комерцијална вредност, но сепак се од интерес за јавноста. Со други зборови, тоа требаше да биде првата онлајн библиотека која го заслужува тоа име.
Проблемите започнаа уште во 2002, кога Гугл почна само да скенира книги, надевајќи се дека ќе се извлече со идеализмот на проектот, кој ќе биде заразен за сите. Но авторите и издавачите не само што не се заразија, туку го дадоа Гугл на суд заради авторски права. Следеа неколку години препукувања, навреди и судски процеси. На крај беше постигнат договор според кој Гугл требаше да ја стави на располагање библиотеката на јавноста и на институции за надомест, како и да постави терминали во библиотеките. Но дури и оваа спогодба беше критикувана, а писателката Урсула Ле Гвин ја нарече „договор со ѓаволот" кој може да создаде монол во книгите со потрошен тираж.
Пред четири години еден федерален судија се стави на страната на ваквите критичари и го отфрли договорот од 2008, велејќи дека целава работа треба да ја пресече Конгресот. Тоа за повеќето Американци беше сигурен знак дека нема ништо да се направи. Така, осум години подоцна, тоа излезе вистина.
Коментаторот на Њујоркер ја фрла вината на Гугл, кој требало уште на почетокот да истапи со соопштение дека е мотивиран од највисоки идеали на служење на јавноста, а не од профит. За жал фирмата мислеше дека луѓето ќе ѝ веруваат само затоа што се вика Гугл. Вака се создаде атмосфера на некаква конспирација, а авторите и издавачите постојано се обидуваат да сфатат што стои зад целата работа (иако можеби не стоеше апсолутно ништо страшно). Eдно од решенијата е секој кој има намера да прави онлајн библиотека да плати лиценца, еднаш и засекогаш, а потоа парите од претплатата да ја дели на сите оние кои имаат право на нив, и тоа само ако за време на три години тие го побараат тоа. Можеби на овој начин конечно ќе ја имаме таа ветена библиотека, која засега е далеку од тоа да биде онаа од соништата.