#антропологија

Прва биографија на славниот Леви-Строс на 900 страници

Емануел Луаје е професорка по современа историја, и авторка на првата вистинска биографија на еден од најголемите интелектуалци на 20 век. И навистина е храброст некој да се зафати со ваков потфат, имајќи предвид дека се работи за човек кој живееше 100 години, а го заврши животот наградуван со најзначајните француски признанија, но и со голема светска слава, особено во антрополошките и книжевните кругови.

Роден во 1908 во семејство на алзашки Евреи, тој студирал право и филозофија. Но сè се сменило кога во 1935, по пет години предавање филозофија во средно училиште, тој во последен момент одлучил да ја прифати понудата да биде дел од француска културна мисија во Бразил, и да предава социологија на Универзитетот Сао Паоло. Токму во Бразил прв пат бил на етнографско теренско истражување - неговата сопруга Дина, етнолог по професија, добила инфекција на окото додека заедно ги посетувале индијанските племиња во Мато Гросо и амазонската прашума, па тој ѝ помогнал да го заврши истражувањето. Тогаш, за среќа на антропологијата, паднала одлуката тој да се занимава со оваа дисциплина.

Кога се вратил во Париз во 1939 заради еврејското потекло веќе бил отпадник, па во септември 1940 заминал во егзил во САД. Страниците посветени на овој најзначаен период од животот на Леви-Строс во биографијата критичарите ги оценуваат како најдобри - неговото запознавање со Роман Јакобсон, најголемиот лингвист на тоа време, кој го вовел во структуралниот метод, како и неговите дружења со најзначајните имиња на американската антропологија, како Маргарет Мид, Франц Боас и Алфред Кребер. Практично на тој начин се формира полето на социјалната антропологија, за чиј „татко" се смета токму Леви-Строс. Една од неговите книги, „Тажните тропи", жанровски на тенката граница помеѓу автобиографски роман и етнолошки дневник, иако напишана со преубав книжевен стил, никогаш не доби ниту една книжевна награда. Но таа покажа дека антрополошките истражувања не се помалку „научни" или „објективни" ако истовремено содржат детални описи на пејсажите и лична исповед на авторот, нешто што до тогаш беше резервирано само за литературата и писателите. Антологиска е првата реченица, парадоксална со оглед на животот на оној кој ја напишал - „Мразам патувања и истражувачи“.

Интересно е што речиси истовремено со биографијата, со разлика од само неколку дена, во Франција се појави и до сега необјавена збирка писма на Леви-Строс, под наслов „Драги мои" (Chers tous deux), кои тој им ги пишувал на неговите родители додека бил во војска и во текот на неговото образование, како и од патувањата низ „Америките", а кои Луаје ги користела пишувајќи ја биографијата. Тој до нив често пишувал и по неколку писма дневно, што ним им дава тон на автобиографски дневник. Предговорот е на неговата трета жена, Моник Леви-Строс. Тој самиот планирал да ги објави уште за време на животот, и во 2002 напишал и вовед за едно такво замислено издание, кое излегува дури сега.

Извор: Le Monde (со претплата)

10 септември 2015 - 09:18