
Името на стилот на пишување „бустрофедон“ потекнува од старогрчкиот и е многу сликовито, а буквално значи „како што врти волот додека ора“. Исто како што орачот треба да направи полукружен за да почне со новата бразда, така и оној што пишува (и читателот) се движат напред-назад по редовите.
Овој начин на пишување бил доста чест во древните времиња, особено на камени натписи и во ракописи. Бил многу популарен во aнтичка Грција, иако со текот на времето, за време на хеленистичкиот период, неговата употреба постепено се намалувала. Голем број текстови на писма како што се етрурското, биле регистрирани на бустрофедонски начин. Еден пример е написот од Форумот, еден од најстарите познати латински натписи. Тој е напишан бустрофедонски, иако не сосема правилно – некои редови одат од десно кон лево, други од лево кон десно, а некои дури и наопаку!
И тоа не е сè. Постои и еден уште почуден начин на бустрофедон, наречен обратен. Кај него, текстот во наизменичните редови не е само огледално превртен, туку е ротиран за 180 степени!
Најпознат пример за ова е неразјаснетото писмо ронгоронго од Велигденските острови (види претходно тука), кое се наоѓа на дрвени табли резбани со заби од ајкула. За да се прочита ваков текст, треба да започнете од долниот лев агол на таблата, да прочитате еден ред од лево кон десно, потоа да ја завртите таблата за 180 степени и да продолжите со следниот ред, повторно од лево кон десно. Додека читате еден ред, редовите над и под него изгледаат наопаку! Ако првата страна има непарен број редови, втората страна ќе започне од горниот лев агол, и насоката на читање се менува од горе надолу.
Зошто некој би се мачел да пишува вака? Едно од објаснувањето, барем на основниот тип бустрофедон, е дека станува збор за текстови нанесувани на дрво или камен кадешто на мајсторот (писарот) му било полесно да не се враќа на почетокот на редот туку просто да продолжи со пишување само во обратна насока, бидејќи и така и така нанесувал буква по буква. Читателот исто така не морал да го трга погледот од текстот. И ова има смисла, но сепак со оглед на нашата навика ваквиот начин на запишување и читање денес делува претешко, баш како орање со вол.