Од каде потекнува ронгоронго? Што порачуваат текстовите испишани со него? Никој не знае со сигурност. Последните Велигденскоостровчани (Рапануи) кои го познавале писмото умреле во 19 век. Не живееле доволно долго да ја пренесат тајната за нивниот пишан систем, но сепак оставиле доволно назнаки кои денес ги измачуваат лингвистите. Говорниот јазик на островот, исто така наречен рапануи, е уште жив, но денес се пишува на латиница а неговата врска со ронгоронго е нејасна. Експертите не можат ни да се договорат дали навистина се работи за азбука, или за мнемоничко средство, дури и гатанка. Целиот корпус се состои од дваесетина текстови. Најдолгиот, од неколку илјади знаци, е испишан на огромен церемонијален предмет. Најкраткиот се состои од само еден знак. Кој е тетоважа на нечиј грб. Или впишан во човечки череп.
Тоа е единственото писмо кое изворно потекнува од Пацификот, што и не е чудно, со оглед на тоа што Велигденските острови се најизолираното место за живот во светот. Едно старо име за ова место, Te Pito 'o te Henua значи „папокот на светот“ (да, конкуренција), или „крајот на светот“. Се работи за територија во форма на триаголник илјадници километри оддалечена од најблиското копно, кое може да се помине за еден ден. За луѓето кои живееле тука универзумот бил океан а копното трошка земја во него.
Изолацијата била нарушена на Велигден 1722, кога островот бил забележан од холандскиот истражувач Јакоб Рогевин. Тој и неговата посада еден ден се истовариле на островот, го размениле своето платно за кокошки и без очигледна причина убиле неколку островјани, вклучително и гласникот кој дошол на бродот за да им посака добредојде претходниот ден. По пет дена заминале. Ниту еден Европеец не го посетил островот следните 48 години, кога тука пристигнал шпански брод, а островот бил преименуван во чест на шпанскиот крал, Сан Карлос. Тогаш командантот ги натерал племенските водачи да се потпишат на документ за предавање на островот под шпанска власт. Поглавиците на Рапануи тоа и го сториле, најдобро што знаеле - со цртежи на вулви и птици, знаци познати од карпестата уметност на островот.
Можеби токму овие цртежи, или настанот со „потписот“, ги поттикнале да се посветат на концептот на пишувањето, и да развијат свој систем. Знаците кои ги одбрале за ронгоронго се нешта поврзани со островот, како риби, морски желки, гасеници. Неколку од нив претставуваат растенија или човечки фигури, како седат или јадат. А има и едноставни геометриски форми.
Во секој случај, симболите на ронгоронго се уникатни. И тие не се пишувале, туку се резбале во дрво со заби од ајкула. Дрва на Велигденските острови нема многу, плус тоа е органски материјал кој лесно се уништува, па оттаму и малиот број сочувани записи. Повеќето од дрвените натписи се на правоаголни „таблети“, напишани најверојатно од долу кон горе, според шема која лингвистите ја нарекуваат „обратен бустофедон“ (бустофедон, грчки за „како вол“, двонасочен текст кој тече онака како што ора волот, праволиниски, за потоа со секој ред да сврти во обратна насока)
Како воопшто се дознало за ова писмо? Почетокот е најверојатно во 1861, кога еден жител на Даблин по име Џозеф Чарлс Брн пристигнал во Перу со предлог како да се реши недостатокот на работна сила во оваа земја. Се работело за поробување на пацифичките островјани, кои пристигнале веќе следната година. По кратко време поголемиот дел од жителите на Велигденските острови биле депортирани и поробени. За само десет години скоро 94% од жителите на Велигденските острови или умреле или биле присилно иселени. Останале стотина луѓе, а овој настан се смета за рамен на холокауст.
Токму тогаш еден француски бизнисмен, Жан-Батист Дутру-Борние се обидел да го купи целиот остров. Мегаломан и садист, тој за малку успеал. Ги исфрлил католичките мисионери, и се прогласил за крал. По неколку години бил сопственик на 80% од земјата и на скоро четири илијади овци. Но набргу го убиле и на негово место дошле нови пирати. Ништо од сево ова не носело добро на локалните жители (она малку што останале), и претставувало катастрофа за цивилизацијата која била градена со векови на ова мало парче земја.
Но токму католичките мисионери биле оние кои ги забележале таблиците напишани со ронгоронго. Всушност, тоа веројатно и немало да се случи доколку бискупот на Тахити не добиел на подарок парче полирано ружино дрво, завиткано во човечка коса, од еден од неговите поданици, Рапануи конвертит. Открил дека тоа е покриено со непознати хиеролгифи и веднаш и пишал на католичката мисија на островот, да почне пребарување по уште плочки, кои до тогаш наверојатно биле добро криени заради табу. Но кога дознал дека нема кој да ги дешифрира, бискупот загубил интерес, а дрвените плочи, некогаш свети предмети, станале обични парчиња дрво, користени за огрев или за правење кануа.
Следи долга и возбудлива историја на обиди да се дешифрира она малку што останало сочувано од писмото, од Сиднеј до Санкт Петерсбург (подетално тука). Најдеталната анализа не само лингвистичка туку е и етнографска, а ја направила Катрин Рутлиџ во 1914, врз основа на сеќавања на постари припадници на Рапануи кои го преживеале погромот од 1860-тите. Најдобрите соговорници и се викале Киримути и Томеника, кои во моментот на истражувањето биле затворени во колонија за лепрозни на север на островот.
Тие се сеќавале на времето кога со островот владеел кралот Нга’ара, кој бил заинтересиран за описменување на населението. Со денови патувал по островот, посетувал училишта и ги испрашувал учениците со тоа што им држел по една ваква плоча пред нив и ги терал да ја читаат. Ако биле добри гласно ракоплескал и им подарувал предмети на наставниците. Ако не знаеле, за тоа ги обвинувал наставниците и им ги конфискувал нивните плочки. Организирал и фестивал на читање од плочки, и ги наградувал најкреативните бардови со - кокошка.
За жал Катерина Рутлиџ на островот доживеала нервен слом, а семејството обвинило извесна бајачка Агата, дека таа и фрлила магија. Всушност нејзината параноидна шизофренија најверојатно била наследена. Ги минала своите последни денови во лудница, а нејзините белешки биле оставени во архивата на Кралското географско друштво, по што набргу биле заборавени.
Плочите и денес се интересни, ако ништо друго како енигматични артефакти во популарната култура. Се појавуваат во стрипот „Куќата на мистеријата“ (слика горе), стрип кој во 1959 го издавал Ди-си комикс. Со тоа што одбива да биде декодиран ронгоронго им се потсмева на западниот разум и светоглед. Како виц без завршница, каков што можеби и треба да остане.