Откриени до сега непознати дела на Ерик Сати

Еден век по смртта на ексцентричниот и иновативен француски композитор, јавноста ќе има можност да слушне 27 негови досега непознати дела. Станува збор за разновидни композиции, од разиграни кабаре песни до минималистички ноктурна.

27-те новооткриени дела на славниот пијанист и композитор Ерик Сати се внимателно склопени од стотици мали тетратки, а се верува дека повеќето од нив тој ги напишал во боемските бистроа на Монмартр во Париз, каде што работел како пијанист на почетокот на 20-тиот век.

Британскиот музиколог и композитор Џејмс Нај, заедно со јапонската композиторка и виолинистка Сато Мацуи, успеале да ги пронајдат изгубените материјали во различни архивски збирки, вклучувајќи ја и Националната библиотека на Франција. Сега, овие скици се изведени од страна на прославениот француски пијанист Александре Таро. Албумот е објавен денес, 27.06, непосредно пред стогодишнината од смртта на Сати, која се одбележува на 1-ви јули.

Нај истакнал дека е исклучително необично да се најде дури и едно претходно непознато дело од Сати, а камоли 27. „Повеќето од нас претпоставуваа дека по толку време, сè што било од некаков интерес веќе било објавено“. Додал дека е возбудливо да се биде прв што ќе ги види и слушне овие материјали по 100 години.

Сати имал навика да запишува идеи кои му доаѓале додека пешачел до Париз од неговата скромна соба во предградието Аркеј, а потоа назад, често доцна во ноќта, како и во неговите омилени кафулиња и бистроа. Токму во страниците на неговите мали тетратки биле пронајдени овие претходно непознати дела. Имал особено уреден ракопис, но деловите напишани со молив избледеле и Нај и Мацуи морале внимателно да ги дешифрираат.

Сати бил еден од животните ексцентрици (види претходно: Композиторот што јадел само бела храна), срамежлив и комплексен човек. Во неговата книга „Мемоари на еден амнезичар“ се шегувал за неговиот строг распоред: „Станувам во 7.18; инспириран сум од 10.23 до 11.47. Ручам во 12.11 и ја напуштам масата во 12.14. Потоа следи здраво јавање на коњ околу мојот имот од 13.19 до 14.53.“

Нај изјавил дека „новооткриените скапоцени камења“ вклучуваат дела во слободниот, минималистички стил на Сатиевите „Гимнопедии“ и „Гносиени“ – на пример, „Ноќни рефлексии“ и „Околу првото ноктурно“. Има и експериментални дела со евокативни наслови како „Poil“ (Влакно), како и весели париски валцери.

Стогодишнината од смртта на Сати на 1-ви јули ќе биде одбележана со бројни други настани и манифестации.

27 јуни 2025 - 17:27