Во муабет со прилепчанец, додуша одамна преселен во Скопје, се откри една необична поделба на младите музикољупци од неговиот град, која важела барем до пред десетина години. Во круговите во коишто тој се движел, прашањето гласело: „Запа или Том Вејтс?“.
Ова е локална и покреативна варијанта од едно друго прашање кое се уште ја мачи планетава - Ленон или Макартни? Минатата година излезе документарец во кој дури 550 славни личности одговараа на ова клучно прашање (пишувавме за тоа тука). Притоа победата ја однесе Џон со 282 гласа, наспроти 196 за Пол. Останатите гласови без за другите членови на бендот, па не се ни сметаа. Во 2013 пак се објавија резултати од анкета која покажа дека демократите генерално го бираат Ленон, додека конзервативците и неутралните јако се држат до Макартни. Белокосите ги сакаат евергрините на Пол, бунтовната младина револуционерните на Џон.
Џорџ Мартин, „петтиот Битлс" кој ги продуцираше нивните албуми, го споредувал односот помеѓу овие двајца со „винегрет" - мешавина на оцет и зејтин, кои иако супер си одат заедно по некое време почнуваат да се двојат. Тоа „по некое време" во случајот со Ленон и Макартни кулминирало во 1970-тите, кога тие почнале да си праќаат и пораки преку песните кои ги направиле поединечно. Така во 1971 Макартни го издал синглот „Премногу луѓе" кој содржел стихови кои се однесувале на политичката „ангажираност" на Џон и Јоко: „Премногу луѓе проповедаат практики" е еден од нив. Одговорот на Ленон само еден месец по издавањето на овој сингл била песната „Како спиеш" која во негов стил била многу побезобразна: „Единствено нешто што си го направил е Јестрдеј/Ама откако си отиде ти си само Уште еден ден", со референци на две песни пред и по нивното разделување.
Но и пред овие отворени непријателства тие во најмала рака биле компетитивни. Среде ноќ Џон знаел да се жали дека „Луѓето секогаш ги обработуваат песните на Пол, моите никогаш". А Макартни повремено мрчел за воспоставеното авторство на нивните заеднички песни како „Ленон-Макартни", бидејќи тој правно не можел да го смени утврдениот редослед на имињата дури и во композициите кои самиот ги напишал. Еве го Џон (со Јоко) како раскажува случка од шпански ресторан поврзан со Yesterday, со ироничен тон укажувајќи на очигледното - дека не ја напишал тој.
Мелодијата за песната на Макартни му дошла во сон, и таа за оние кои се негови обожаватели е доказ дека тој бил неколку класи подобар од Ленон во пишувањето музика. Но овие вториве пак имаат друг адут - стиховите на Пол ретко кажуваат нешто, можеби дека дента си ја чешлал косата или дека фатил автобус, додека оние на Џон се движат од ангажирани преку ексцентрични, до тотално откачени (како Dig a Pony). Ленон за стиховите на Јестердеј искоментирал: „Ако ја прочитате песната нема да сфатите што всушност се случило". Но и за ова има исклучоци - Еленор Ригби на Пол со нејзината морбидна нарација, ама и Леноновата „Затоа" чија мелодија е инспирирана од Бетовеновата „Месечева соната".
После сето ова - Џон или Пол?
Море, Џорџ.
Верзија на Yesterday од 1969, пее Дилан, свири Харисон.