РД: Читав некои од твоите неодамна објавени збирки есеи - восхитен сум од твојата ерудиција. Изгледа како да си прочитал апсолутно сè. Не можам да помислам на никој друг по Олдос Хаксли кој е толку начитан.
КХ: Можеби на луѓето им изгледа голема, но таа начитаност доаѓа со „данок" - тоа што е површна. Станав новинар затоа што тоа не бараше специјализираност. Се сеќавам кога еднаш бев на вечер со Умберто Еко и разговарав со Сузан Зонтаг за зборот „полимат". Еко рече дека тоа било неговата амбиција, а Зонтаг го предизвика, велејќи дека дефиницијата на полимат е некој којшто се интересира за сè и за ништо друго. Бев охрабруван во текот на моето образование да читам, и мислам дека развив добра меморија. Го чувам она што ми е интересно, но немам доволно стратешка длабочина. Голем број коментатори имаат изјавено, што прави да ми е непријатно, дека сум во класата на еден Едмунд Вилсон или дури и на Џорџ Орвел. Тоа всушност ме потсетува колку не сум. Но тоа е нешто што барем предизвикало некаква споредба, што е подобро отколку што очекував кога почнував.
РД: Неверојатно е колку може да се развлекува лево-десниот континуум. Ако знаеш што мисли некој за смртната казна или за абортусот, тогаш генерално знаеш што мисли за сето останато. Но ти очигледно го прекршуваш ова правило.
КХ: Имам една конзистентност, а тоа е да бидам антитоталитарен - и на лево, и на десно. Тоталитарецот, за мене, е непријателот - оној апсолутниот, оној кој сака контрола врз внатрешноста на твојата глава, не само врз твоите дејства и твоите даноци. Потеклото на тоа е очигледно теократско. Почетокот е идејата дека постои врховен лидер, или безгрешен папа, или главен рабин или што и да е, кој може да го канализира божественото и да ни каже што треба да правиме. Секуларната форма на истото се разните гуруа и диктатори, но во основа ова е исто. Има некои мислители - пред сè Орвел - кој го разбра тоа дека, за жал, вродена карактеристика на луѓето е силната тенденција кон обожување. Така, ние не само што се бориме против диктатори. Ние ги критикуваме нашите со-луѓе заради тоа што сакаат да одат прекутрупа, да си ги поедностават животите, со тоа што ќе се предадат и ќе речат, „Ако ми нудиш благосостојба, секако дека ќе ти дадам дел од мојата ментална слобода за истото". Велам дека тоа е лажна зделка: ништо нема да добиеш. Ти си будала. (...)
РД: Дали ова значи дека треба да бидеме на страна на фундаменталистите?
КХ: Не баш „на нивна страна", но мислам дека има нешто во врска со нивната чесност која посакуваме да пронајдеме и на други места.
РД: Често ме прашуваат зошто САД, заснована на секуларизам, е многу порелигиозна отколку западно-европските земји кои имаат официјална државна религија, како Скандинавија или Британија.
КХ: Алексис де Токвил имаше право. Ако сакаш црква во Америка, ќе си ја изградиш со својата пот, што многумина и го направија. Токму затоа им се толку приврзани. Погледни ја грчката православна заедница во Бруклин. Што е првото нешто кое таа го направи? Си изгради мал храм. Само Евреите - не сите - зачудувачки ја имаат напуштено нивната религија бргу по доаѓањето во САД.
РД: Компаративната религија би било едно од најдобрите оружја.
КХ: Голем број деца денес во Америка се растени без никакво знаење за која и да е религија, бидејќи нивните родители не им кажуваат ништо на оваа тема, им го препуштаат тоа на училиштата, а пак овие се плашат да го прават тоа. Би сакал децата да знаат што е религија бидејќи инаку некое гуру или некој култ би можел да ги собере.
РД: Тие се толку ранливи. Би сакал да ја знаат и Библијата заради книжевни причини.
КХ: Точно. Обајцата како што имав задоволство да видам, напишавме текстови во врска со библијата на кралот Џејмс. „Авторизираната верзија" како што беше нарекувана кога бев дете. Огромно количество англиска литература ќе беше ненапишана ако луѓето не ја знаеа...И Книгата на Јов е значајна нерелигиозна книга. „Човекот е роден за мака како што искрите летаат угоре". Обиди се да живееш без тоа. Луѓе ми кажуваат дека и изговарањето на делови од Куранот може да го има истиот ефект ако го разбираш оригиналниот јазик. Би сакал да го знаев.
Целото интервју тука