„Другиот Моцарт" е вистинска и до сега нераскажана приказна токму за сестрата на Моцарт, која исто како и нејзиниот брат била виртуоз на чембало, композитор и изведувач низ Европа, често во „вундеркинд" пар со нејзиниот брат. Авторката на монодрамата е Силвија Мило, која и ја глуми Нанерл. Претставата која тргна од Њујорк се изведува низ светот веќе две години, а вчера, 8 септември, премиерно беше прикажана во Лондон, неколку чекори од местото каде Нанерл свирела како девојче во овој град.
Кога Мило ја подготвувала претставата консултирала голем број извори, меѓу кои и биографиите на Моцарт, но името на Нанерл во нив или воопшто не се појавувало, или било споменувано патемно (сетете се на „Амадеус" на Милош Форман, каде воопшто нема ваков лик). Најобемниот извор на информации биле семејните писма, кои Нанерл ги зачувала. Тие овозможиле подобро да се разбере семејството Моцарт, социјалниот контекст во кој живееле, како и силата, соништата и борбата на Нанерл, особено во однос на нејзиниот хипер-доминантен татко.
Токму заради него и завршила нејзината музичка кариера - кога наполнила 18 било оценето дека тоа веќе може лошо да влијае врз нејзината репутација како идна невеста, па таа била оставена да живее во Салцбург додека таткото Леополд и помалиот Волфганг, кој во својата сестра претходно гледал идол, продолжиле со патувањата.
Иако од писмата е јасно дека таа пишувала и музика, затоа што брат ѝ ги фалел нејзините композиции и ја поттикнувал да продолжи, ништо од тоа не е сочувано. Или како што вели авторката на претставата, можеби таа самата ги уништила нотните записи, можеби еден ден ќе искрснат, а можеби веќе нешто од тоа сме чуле, погрешно припишувајќи му ги на Амадеус. Додека настапувала била опишувана како „еден од највештите изведувачи во Европа" и „толку успешен импровизатор што предизвикува восхит".
Силвија Мило инаку претходно го глумеше Боб Дилан во наградуваната претстава „Фрагменти од Вест Вилиџ", Офелија во „Пејсажот на Офелија" со Мира Фурлан и Хамлет во верзија на истоимената драма во која сите ликови се играни од жени, која таа ја адаптирала и ја режирала самата.
Повеќе за „Другиот Моцарт" тука