Салман Ружди: „На интернет сите се вознемирени, цело време“

„Тоа беше пред 16 години, ОК е" - одговара Ружди на веќе досадните прашања околу фатвата и дали може слободно да се движи. Повеќе сака да зборува за новиот роман, неговиот 12-ти по ред, а прв по седум години.

„Две години осум месеци и 28 ноќи", најновата книга на Ружди, е роман кој ја пренесува атмосферата на ориенталните бајки во современ Њујорк. Во градот се случува бура по која на местото на природните закони настапуваат митот и магијата. По 800 годишно прогонство „џиновите", митски суштества кои прават бељи, a во верзијата на Ружди постојано имаат секс, се враќаат, и создаваат свет во којшто е можно еден градинар оди по воздух, домаќинка да исфрла молњи од прстите, а сликите на еден стрип цртач да оживуваат. Изворот на овие замислени ликови се бајките со кои пораснал Ружди, за коишто вели дека се неговиот книжевен багаж. Од другите ликови во приказната, која има „само" 300 страници, што е необично малку за роман на Ружди, се и Исак Њутн, Хенри Форд, Mајка Тереза, Хари Потер и Ибн Рушид (Авероес), арапски филозоф од 12 век.

Самиот автор ја опишува книгата како „забавна", и негов обид за бегство од вревата, особено на интернет каде изгледа дека сите се вознемирени, цело време.

„Интернет е полн со луѓе кои врескаат едни на други. Морав да го исклучам тој звук и да ѝ свртам грб на таа непријатна врева за да продолжам да работам. Ова е смешна книга. Смисолот за хумор е корисна алатка за читање на која и да е моја книга".

Сепак, не сите имаат смисол за хумор кога е во прашање религијата. И оваа книга на Ружди може да предизвика реакции во таа смисла, бидејќи и таа зборува за можните опасности од неа. „Бројот на ужасни нешта кои се прават во име на религијата се трупаат. Во некој момент можеби на луѓето ќе им текне дека проблемот е во идејата на религијата. Децата на 1960-тите не можеа да замислат дека религијата во оваа мерка ќе го оркестрира јавниот дискурс - некој да ми го кажеше ова во 1968 ќе се скинев од смеење", вели тој во обемно интервју за Гардијан, во кое зборува за „исламофобијата", зошто реагирал кога меѓународното здружение на писатели ПЕН му додели награда за слобода на говор на списанието Шарли Ебдо, за гласините дека постојано оди на луди забави, и за неговата активност на Твитер, каде има 1.06 милиони луѓе кои го следат. Тие често знаат и да тролаат, и да бидат гадни во нивните коментари, но Ружди ја открива неговата методологија за излегување на крај со нив: „Подготвен сум да блокирам луѓе. Можете да навредувате еднаш, ама не и два пати". Сепак, голем дел од твитер публиката може да биде и корисна, особено кога ти излегува нова книга. 

Извадок од неа тука

7 септември 2015 - 09:41