Offside

Баерн Минхен е шампион на Германија, Интер е речиси на пиадесталот, Барса води со +9, ПСЖ ако го добие заостанатиот меч ќе биде на +4. Најкомпликувано и најнеизвесно е на островот.

Ѓоковиќ победи двојно помлад ривал и 19-ти пат влезе во 3. коло на УС Опен

Облечен комплетно во црна опрема како некогаш во кариерата, Новак Ѓоковиќ (38) го победи 19-годишниот тенисер од САД Лирнер Тиен со 3-0 по сетови 6:1, 7:6, 6:2 и оди во 3. коло на Отвореното првенство на САД. Ноле игра во добра форма а следен ривал му е 22-годишниот малку познат тенисер од САД, Захари Свајда.

Нов циркус на Медо, кршеше рекет па бранеше фотограф

Дваесет и девет годишниот руски тенисер бележи пораз за пораз во последно време. На трет Грен слем по ред е исфрлен уште во 1. коло и тоа го фрустрира до таа мера што крши рекети и дивее ширум терените. Сега изгуби добиен меч на Отвореното првенство на САД и тоа од малку познатиот Французин Бонзи во 5 сета. Правеше хаос.

Кечер мајтапеше цела сала во Њукасл

Познат британски кечер, Џеј Ди МекДонах бил на едно кечерско/боречко шоу во Њукасл. Реши да се позафркава со цела сала, очигледно навивачи на истоимениот тим од градот. Со оглед на тоа што Ливерпул сака да го доведе главниот играч на Њукасл, Александер Исак кој веќе неколку недели лут не тренира со екипата и е отстранет од тимот, ова им дојде ко сол на рана.

Аргентинска мајсторија во Комо на младиот Нико Паз

Внимавајте сезонава на Комо, предводен од Сеск Фабрегас и индиските милијардери кои летово го купија Алваро Мората. И лани беа незгодни и завршија 10-ти, а после изданието против Лацио во прво коло, најавуваат дека ќе бидат уште поопасни. Славеа 2:0, а вториот гол го постигна 20 годишниот Нико Паз, кој ја игра втората сезона откако го донесоа од Реал.

Делириум во Лил, Жиру го реши Монако во 91-ва

Само што стана најстар стрелец во историјата на клубот со 38 години, 10 месеци и 18 дена и тоа на дебито во прво коло, Оливие Жиру пак даде гол и покажа колку напаѓачите можат да бидат долготрајни. Искусниот француски напаѓач му донесе 3 бода на својот тим во судиско, а потоа можеше да ја затвори со 2:0, ама утна пенал.

Џокерот на Тудор се вика Влаховиќ

Душан Влаховиќ цело лето е тема на муабет дека ќе биде продаден, а тој не сака да си оди поради високата плата. Но, Игор Тудор синоќа го внесе во игра во 80-та минута, а тој блесна по само 4 минути на терен, за Јувентус - Парма, конечни 2:0. Многу паметно одиграно.

Романски начин на влечење ждрепка

Само Романците се поголеми Балканци од нас или уште поточно, ова го нема ни во Африка. Што не проба со топли и ладни киндер јајца ако не? Ќе има и зум во садот, па ќе сфатите колку е запнат да биде тоа топче.

Срамни сцени во младинскиот фудбал, родители нападнале деца

Мизерија од вест ни доаѓа од Штип од мечот меѓу Брегалница и Шкупи во младинските категории на генерациите 2009/10. Има повредени и еден уапсен.

Ѓоковиќ: Моравме да го сториме тоа, Србија е на раб на граѓанска војна!

Најдобриот светски тенисер на сите времиња според многумина, на прес-конференција на УС Опен изјави дека му е жал што АТП турнирот од Белград се сели во Атина, но наведува дека одлуката не била нивна желба, туку нужност поради околностите во кои се нашол неговиот брат Ѓорѓе, организаторот на овој познат тениски турнир.

Сестро се изрезили а?

Сезоната уште не почната и веќе го имаме новинарскиот гаф, кој ќе биде ненадминлив за 2025/2026 во Бундеслигата. Капитенот на Вердер, Марко Фидл застана да дава изјава откако неговиот тим загуби од Ајнтрахт со 4:1. Ама во дрес на голманот на победничкиот тим, Михаел Цетегер, со кој си ги разменија дресовите. Новинарката на Скај не само што не го препозна, туку и му честиташе за „триумфот“. Што и одговори Марко: Јас сум играч на Вердер ако не знаете.

Деби гол на Сон во МЛС и тоа од слободен

По фантастичните 10 години во Тотенхем со одлични 173 гола, Сон Хјунг Мин на 6 август потпиша за Лос Анџелес за 26,5 милиони долари, што е рекорден трансфер во МЛС лигата. Првиот гол го дочека на својот трет настап, а тоа е против Далас, конечни 1:1. Ќе го памети.

Лудило гол на Ди Марија, коментаторот одлепи

Анхел Ди Марија летово се врати онаму каде што ја почна кариерата пред 20 години, а тоа е Росарио. Големото аргентинско дерби против Њуелс Олд Бојс го реши како во бајките, со еден од најјаките голови на кариерата. Ди Марија има 37 години, но држи форма и уште го држи страста за фудбал. Решавачкиот гол на средбата падна во 82-ра минута. Голчиште.

Првенци на Ѓокереш за Арсенал, „топџиите“ го разбија Лидс Јунајтед

Фудбалерите на Арсенал испратија порака до сите ривали дека сезонава целта конечно им е да ја освојат толку сонувата шампионска титула. Тимот од северен Лондон со петарда го испрати новајлијата во Премиер лига Лидс Јунајтед во 2. коло од англиската Премиер лига. По два гола дадоа Јулијан Тимбер и најскапото засилување летово Виктор Ѓокереш, а еден даде и Букајо Сака.

Врвна кореографија што ја воодушеви Германија

И не само Германија, туку и цел навивачки свет кој ја виде кореографијата што навивачите на Унион Берлин ја спремиле за натпреварот против Штутгарт на отворање на новата сезона во Бундеслига. Фудбалерите им возвратија со победа од 2-1 и први три бода во сезоната.

Кејн ја крена завесата во Бундес со хет-трик за 14 минути

На Баерн Минхен не им треба многу загревање и кога ќе им тргне, не знае човек на што е. Во прво коло го пречекаа Лајпциг и го испратија дома со 6 парчиња. После деби голот во Супер Купот против Штутгарт, Луис Диаз дебитираше со гол и во Бундеслигата, а уште два во прво даде Олисе. Предноста во вториот дел ја дуплираше Хари Кејн со три гола од 64-та до 78-ма минута.

Пакета се отвори со голчиште против Челси

Вест Хем и Челси петочки, одиграа ефикасно градско дерби со 6 погодоци во 2. коло од новата сезона. Голеадата почна атрактивно по само 6 минути игра, откако Лукас Пакета распали со левицата. Но, домаќините потоа се соочија со дебакл и примија 5 комада.

Најјакиот прием на топка во Премиер лига е дело на Бербатов

Димитар Бербатов остави силен белег на островот. За 9 сезони постигна 122 гола на сите натпреварувања, за Тотенхем, Манчестер јунајтед и Барнли.

Го чуваат Дончиќ, не смееш ни да го гушнеш

За време на гостувањето на Словенија во Белград, очекувано суперѕвезда беше Лука Дончиќ кого новинарите и навивачите го следеа на секој чекор и го поздравија со огромен аплауз и овации. Лука коректно десетина минути им давал автограми на сите присутни деца, се сликал со нив и муабетел. А човекот од репрезентација задолжен да го чува Лука, не дозволуваше ни да го допрат, со цел да се сочува од какви било непријатни повреди.

Милер за Меси и Роналдо

„За мене Меси е најголем играч кој сме го имале во оваа игра. И двајцата се луди, ама Меси е малку поелегантен“, вели легендарниот германски напаѓач кој од Минхен се пресели во Ванкувер.

Ракчиња со коњак од Тодор Гечевски

Тоше е цар. Тоа е општо познато. Беше пола репрезентација, а ја држеше и атмосферата. Духот му е таков, многу позитивен. Број 1 за хумор. Од 7 годишното живеење на море како играч на Задар и ПАОК, посакал да научи да готви морско. Снимкава е ланска, ама моравме да ја објавиме. Тоше во кујна кога пак ќе го видиме? Зошто им стави на ракчињата коњак? За да крцкаат и да бидат повкусни. Легенда.

Што сте демолирале, тоа ќе си платите, бујрум

Во баражот за пласман во Конференциска лига, норвешки Розенборг со 2-1 после пресврт го совлада германски Мајнц. Натпреварот се играл на стадионот „Леркендал“ во Трондхајм, дом на клубот Розенборг. Таму дошле околу 1.000 германски навивачи кои ги демолирале тоалетите кај гостинскиот сектор. Сега Розенборг му пратил сметка на Мајнц кој ќе треба да си подмири комплетно реновирање на тоалетниот јазол.

Џордан против Сиетл, финале 1996

Битките меѓу Чикаго и Јута се омилени на многу генерации, незаборавни и недораскажани. Но пред тие две финални серии по ред, Булси имаа и едно соочување со Сиетл Суперсоникс предводен од дуото Шон Кемп - Гери Пејтон, а тренер Џорџ Карл. 4:2 завршија серијата. Не можеа да го сопрат.

Што ти значи голем тренер и НБА шампион

Пријателската средба меѓу Србија и Словенија во белградска „Арена“ како последна подготовка пред Европското првенство 2025 ја следеа и многу големи и познати имиња од светот на кошарката.