Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Дечки, no future

27 мај 1977-ма година, Секс Пистолс го издаваат синглот God Save the Qeeen за ротеновскиoт крик "no future" засекогаш (ок, не засекогаш, до кога ќе се појават бој бендови и се ќе биде по старо) ќе ги здрма темелите на кои почива музиката и нејзиниот однос кон реалноста. 36 години подоцна, истиот панкерски гнев и очај ќе се всади во оваа групација руски билмези.

27 минути за Вас и Били

Имате работа преку глава, не знаете што попрво да фатите? Што и да е, одложете го за 27 минути колку што трае ова документарно филмче за Били Холидеј, накрцкано со боговска музика која остатокот од денот ќе ви го направи поподнослив. Многу ли бараме од животот?

Кошмар караоке

Веројатно ова е нешто најприближно на тренинг камп за певаљка во некоја балканска кафана. Идол / Талент тип на шоу, дополнето со кошмар.

Голфот станува интересен

Популарноста на најдосадниот спорт на светот, голфот, најверојатно се должи на онаа мудрост, дека покрај сексот, тоа е единствената работа на светот во која можеш да уживаш дури и да не те бива за тоа. Но, конечно, нешто интересно и таму. Ховеркрафт! Така може.

 

Вистината за калориите

Секоја пакувана храна во САД мора да има истакнато таблица со бројот на калории и масти што таа ги содржи. Она што ниту една храна не треба да го направи е која било владина институција да и ги верификува бројките и податоците што се испишани на пакувањето.

Што прави човек за цигара

Соочени со следниве фото докази, мора да признаеме дека пушењето навистина може да биде штетно по здравјето. Цигарите најсмртоносни знаат да бидат кон глупи луѓе.

 

Шал табла версус шофершајбна

S Моделот на Тесла го има најнапредниот и најзабавниот тач скрин интерфејс на светот. Огромен, 17 инчен екран со милион супер интересни подесувања за сите можни детали од возењето. Да, проблем е кога она што го гледаш на мониторот е поинтересно од она што ти се случува пред шофершајбна.

Изгубеното интервју со Џим Морисон

1969-та година, Џим Морисон разговара со човек од Вилиџ Воис, меѓу другото, за тоа колку бил среќен што се правел свиња во факултетските денови, ждерејќи нездрава храна во студентската менза. Тазе анимиран, еве го тој дел од муабетот во кој Морисон го брани правото да се биде дебел.

Сакавте патека? Еве ви патека!

Да се искрени, урбаните градоначалници најрадо би поделиле вакви велосипедски патеки, само да ги замолчат досадните велосипедисти кои во последно време се занесуваат со идејата дека треба да преживеат кога се возат со точак низ град.

Варено а матено

Ако во близина имате луѓе кои пребираат па ја јадат само жолчката или само белката од јајцето, на Велигден изненадете ги со следново трикче: дајте им сварено а матено јајце.

Ладна гаќа за плодни мажи

40 проценти од проблемите со неплодноста лежат кај мажите. А главната причина е врелината на јајцата која ги спржува сперматозоидите. За да не мора никој да става мраз на јајца (ух!), here comes гаќата која лади.

Исчашени филмови

Познати филмови, извадени од својот временско - просторен контекст и замислени во друго време и со други луѓе. Би ги гледале сите, особено Биг Лебовски.

Анатомија на Клеш

Две транжирани химни од легендардните панкери, соголени на своите составни делови. Мераци!

Ристо Ничевски гангстер издание

Најдоброто упатство за шах што ќе го разбере секој, од мафијаш до партиски војник. Како се станува крал? Не се станува, гледај да бидеш паметен пион и да останеш во игра.

Видео CV

За да не му мина животот како во вицот со човекот кој го молел Бога да добие лото (А да уплатеше?), Иван Шариќ од Хрватска решил да "уплати" видео апликација за работа кај најгласниот сатиричен мегафон од Америка, Џон Стјуарт. И дечкото не е ич лош.

Порака од вашиот провајдер

Како треба да изгледа реклама за компанија која нуди одличен, брз, супер- хипер брз интернет со гратиси од милијарди мега, плус неверојатно квалитетни тв канали по најниска цена а поддршка за корисници 24/7.... кога рекламата би требало да е искрена. Фак ју!

Граници на научното

Го прашуваат Ричард Докинс како ја оправдува вербата во науката, во тоа дека научниот метод нè приближува до вистината... И тој одговара прописно, но, чекајте го моментот, аплаузот го добива за нешто скроз не-научно. Цар!

Машки муабети

Оди по жени за кои мислиш дека се над твојата класа, можеш пријатно да се изненадиш. Секогаш допивај си го пивото. Ако си најпаметен во собата, тогаш си во погрешна соба.

Господар на сцената

Да се пее на сцена знае кај луѓето да роди боговско чувство. Ти во центарот, публиката ти е пред нозе, суверено командуваш со тој дел од универзумот. Сè додека еден неочекуван допир не ти го скрши филмот.

Човечиња

Всушност не се луѓе, туку животинчиња стокмени како луѓе. Во сако, фрак, кошула, елек, кожна винтијага, џемпер, на кој што му стои. Фотосесијата се вика Zoo Portraits и е дело на Шпанецот Јаго Партал.

Глумици без заби

Греота е кога на толку изборни плакати нема да ти текне вакво нешто. Ќе се чуваме за некоја година.