Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Најди кој лик го глумиш во маалски баскет

Мажи, време е да се погледнеме во огледало и да си признаеме како луѓе - без разлика што мислиш за себе, ти си еден од овие ликови. Во најдобар случај, само еден.

Let Forever Be

Точно 7 години поминаа од видео спотот на Мишел Гондри (Eternal Sunshine of the Spotless Mind) за песната "Let Forever Be" од Chemical Brothers. И тешко дека некој во меѓувреме направи подобар.

Уа шепкачи

Да бидеме искрени, првпат слушаме за оваа ајфон апликација. А има далеку повеќе посети од CNN.

Рапсодијата одвнатре

Брајан Меј се враќа зад миксетата за да објасни како е снимена легендарната балада кој се претвора во опера за да заврши со хеви метал оргазам.

Тенковски биатлон

На маргините на светскиот самит во атлетика, во Русија се одржа и суперфиналето на тенковскиот биатлон во категорија Т- 72B. Малку натпреварувачки, малку парадно.... победија Русите.

Омилени поп песни на рокерите

Слеш - Кејти Пери? Слипнот- Аба? Мерилин Менсон - Тимберлејк? Како ли би изгледала анкета со македонски рокери на тема омилени турбо фолк песни?

Кока-кола сака да живеете како дедо ви

Како му изгледал денот на дедо ви, од станување до враќање од работа, како ви изгледа на вас. Скромно и на велосипед.

Доли, поспоро малку

Како да ја направиш Доли Партон да звучи како маж? Забави и ја песната. Песната е Jolene, пејачката е иста, и ова и е веројатно најдобрата верзија до сега.

Нашиот Буда

А сега, господарот на здравиот разум, шаолин мајсторот на способноста ништо да не може да те одушеви, господинот Карл Пилкингтон.

Комплетче за Павлов рефлекс

Дури и најголемите дунстери од школо го памтат познатиот експеримент на рускиот физиолог Иван Павлов за рефлексното однесување и значењето на наградите и казните во учењето на пожелни и непожелни однесувања. Сега финтата се продава како комплетче.

Тито & Киро гоус ту Холивуд

- Друже Киро, да ми правиш друштво во Холивуд, да не бидам сам со Јованка и нејзината пунџа? - Да ти правам, друже Тито, што да не ти правам. Легендарното парче "Филмске новости" (инфо пропаганда емитувана пред кино проекција која ни беше сосема доволна доза вести) на која се редат славни ликови: Едвард Робинсон, Јосип Броз, Рок Хадсон, Глен Форд, Киро Глигоров, Ширли Меклејн...

Умрев од седење

Дури и секојдневно вежбање по еден час не може да ја надомести штетата од 11 часовно седење пред компјутер или телевизор. Видео клип кој ќе ве потсети на неколку основни факти.

Get Bassy

Лeтниот хит на Daft Punk, четири подебели жици и разиграните прсти на Џим Бенет.

Хендрикс во осум и триесет

Треба да свири претходната вечер ама дождот ја одложува свирката. Еве го насабајле, 8:30 часот, ѓубре неисчистено од претходната вечер, пред 40.000 луѓе. Вудсток, 18-ти август, 1969-та година. 56 минути.

Архи братот на Гоце

Студентскиот дом Гоце Делчев од Скопје  имал свое поголемо архитектонско братче, кого судбината го одвела дури во Сингапур. Се извинуваме за секоја солза која ќе биде пуштена од станарите на Гоце.

Колку ви се стари ушите?

Не, не е можно, мора да се заебаваат овие. Веќе на 15.000 херци - ѕид!

Ферарито на Клептон

Ерик Клептон не само што поседува Ферари туку поседува Ферари SP12-EC. И да, она "EC" значи "Eric Clapton".

Смирувачко денгубење

Кога сте слаби со нервите, или ви е убитачно досадно или... што и да е, дузина небитни интернет сокаци кои можат да ви дојдат баш фино.

Убаво распеана улица

Се вика Скот Данбар, уличен музичар со супер верзија на Били Џин од Мајкл Џексон. Ќе го слушнете, ќе го лајкнете на ФБ сè ќе биде како што треба.

Ментални ментиши

Група лудаци од петни жили се обидуваат со ментална енергија да создадат заштитно поле околу себе. Една од присутните психопати болно ќе сфати дека полето околу неа е нешто слабо.

Носители на нашите тежини

Во чест на Попај, Тарзан и сите други скопски амали од Јужен булевар и Топаана.

Тотално помрачување на гласот

Се вика Кристина Бјанко, стенд-ап комичар, се зеза правејќи варијации (скоро 20) на тема како би звучела песната Total Eclipse of the Heart отпеана од познати женски вокали. Технички не е најсовршена ама супер забавна.